Денеска во Охрид, на 75-годишна возраст почина новинарот Илче Стојаноски.
Целиот професионален работен век Стојаноски го помина во Центарот за печат и радио Охрид.
Роден е на 18-ти јуни 1949 година во Прилеп, а по три години од неговото раѓање неговите родители се преселуваат во родниот град на неговата мајка – Охрид.
Од 1979 година е во редовен работен однос во Радио Охрид и постојано напредувал во својата професија. Во 1982 година е именуван за Главен и одговорен уредник на програмата на Радио Охрид, и на таа функција останува до 1986 година кога е назначен за в.д. директор и главен и одговорен уредник. По завршувањето на мандатот, останува во дневната редакција и работи како новинар. Водител е на дневно информативаната емисија „Настани“, на контактите емисии „Во сабота со Вас“ и други, а од големата љубов кон Охрид и неговата истражувачка дејност, ја реализира емисијата „Охрид во моите спомени“, од која се снимени и емитувани над 100 продолженија.
Врз основа на снимениот материјал тој има напишано две книги со исти наслов „Кажвиме за да не се заборајт“ и тоа првата во 1996 во 2003 година. Во третата книга на Илче Стојаноски, монографијата „ Охридски времелов 1848-1948“ издадена 2012 година повторно во чест на патронот на Охрид Свети Климент Охридски тој се обиде да го потврди Охрид во еден минат период од 100 години, преку цртежи, фотографии и коментари. Започнува од 1848 година со цртежите на Едвард Лир, продолжува со првите фотографи направени во Охрид во 1863 година од Јошеф Шекељ. Потоа се нижат фотографиите од почетокот на 20-тиот век на Мери Едит-Дурхам, и други фотографии од разни автори, чии имиња не се познати, се’ до првата половина на 20-тиот век или поточно до 1948 година.
За својот труд има добиено голем број награди и признанија меѓу кои и наградата на Здружението на новинарите на Македонија во 1999 година, како и Повелбата „Свети Климент Охридски“ во 2007 година.
Погребот ќе се одржи во среда, на 23-ти април 2025 година, од 12:00 до 12:30 часот на Градските гробишта во Охрид.