„Си замина Валентина Марјановиќ, нашата драга колешка, истакната новинарка, посветен и врвен професионалец, препознатливо име во весникот ВЕЧЕР, во кој го помина целиот работен век. Се бореше храбро до последен здив, беше пример за јака волја, силна верба и позитива, за борба и одлучност за живот и победа над подмолната болест. Но, за жал, последната битка не успеа да ја извојува“, пишуваат нејзините колеги од „Вечер“.
По долго боледување, Валентина Марјановиќ почина вчера на 22 ноември, во Скопје.
Таа беше дел од весникот „Вечер“ од самите почетоци на својот работен век во 1997 година. Читателите ја препознаваа по нејзиниот стил на пишување во повеќе рубрики, Скопска, Црна хроника и Економија. Последната деценија беше уредник на Економија, а обработуваше и теми од здравството. За својата работа беше добитник на многу награди и признанија.