Home » Победата на Трамп ги зголеми ризиците за инфлацијата и долгот

Победата на Трамп ги зголеми ризиците за инфлацијата и долгот

by Журнал.мк

Американската централна банка (ФЕД) ја намали основната каматна стапка втор пат за два месеца, што од економистите се толкува како одговор на економските политики на новоизбраниот претседател Доналд Трамп кои ја зголемуваат неизвесноста за иднината на инфлацијата и задолжувањето.

На крајот од дводневниот состанок на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), американската централна банка објави дека ја намалила каматната стапка за 0,25%, на опсег од 4,5 до 4,75%, што е најниско ниво од март 2023.

„Економската активност продолжи да расте со солидно темпо“, се вели во соопштението на Федералниот комитет за отворен пазар.

Ризиците за пазарот на трудот и инфлацијата „се приближно во рамнотежа“, констатира ФЕД, која оцени дека „стапката на невработеност е зголемена, но сепак е ниска“, а инфлацијата паднала поблиску до целта, но дека „е сè уште малку покачена“.

Индексот на цените кај расходите за лична потрошувачка, без храна и енергија, кои се клучен показател за инфлацијата, малку се промени во последните три месеци и во септември изнесуваше околу 2,6% на годишна основа.

Ова е второ намалување за два месеца. ФЕД ги намали каматните стапки за прв пат по повеќе од четири години во септември за 50 базични поени.

По намалувањето на каматните стапки во септември, ФЕД најави можност за дополнителни намалувања во ноември и декември и уште четири следната година. Меѓутоа, со оглед на тоа што економијата сега е во голема мера солидна, а Волстрит предвидува побрз раст, повисоки буџетски дефицити и повисока инфлација под претседателството на Трамп, натамошните намалувања на стапките сега може да бидат помалку веројатни.

Иако оваа одлука на Федералните резерви не е изненадување, економистите од големите банки забележуваат дека изборите воведоа дополнителна неизвесност, што може да го забави понатамошното темпо на намалување на каматните стапки.

Трамп водеше кампања врз основа на ветувања кои се движат од воведување високи царини за увоз до сузбивање на имиграцијата, што би можело да има широко и непредвидливо влијание врз економскиот пејзаж додека официјалните лица се обидуваат да ја задржат инфлацијата блиску до целта на централната банка.

Трошоците за задолжување се очекува дополнително да се намалат во наредните месеци, но прогнозерите предупредија дека плановите на Трамп би можеле да извршат притисок врз инфлацијата и да го зголемат задолжувањето на државата.

Победата на Трамп, исто така, ја зголеми можноста за мешање на Белата куќа во одлуките на ФЕД, бидејќи Трамп рече дека како претседател треба да има збор во одлуките за каматните стапки на централната банка.

За време на неговиот претходен мандат во Белата куќа, Трамп јавно го нападна претседателот на ФЕД, Џером Пауел, откако каматните стапки беа зголемени поради борбата со инфлацијата.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk