Home » По смената на власта, во Собрание стигна известување дека Кацарска е за во пензија

По смената на власта, во Собрание стигна известување дека Кацарска е за во пензија

by Журнал.мк

По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Собранието стигнало известување за старосно пензионирање на поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, а сегашна уставна судијка, која беше жестоко критикувана од сегашната власт, а претходно опозиција, за нејзините судски пресуди, а најмногу за пресудата за упадот во Собрание на 27 април.

Известувањето стигнало пред два дена, а го испратилo Судскиот совет од каде за дел од медиумите појаснуваат дека не станува збор за иницијатива за разрешување на Кацарска туку за известување за запознавање и евентуално натамошно постапување на Собранието.

Според дописот кој го објави МКД.мк, Судскиот совет го известува Собранието дека на Кацарска на 30 јуни 2022 година и престанала судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија.

Во дописот се приложени одлуки на Судскиот совет кои ги донел за пензионирање на поранешни членови на Судскиот совет од редот на судиите, какона пример судијата Киро Здрвев, Зоран Теофиловски, Гордана Спиреска и Мери Радевска.

-Во Уставот е предвидено времетраењето на мандатот на избраните членови на Судскиот совет кој трае шест години, а условите под кои може да се констатира престанок на мандатот во Советот се предвидени во Законот за Судски совет. Според него не постои услов за престанок на мандат на член на Судскиот совет поради исполнување на услови за старосна пензија како судија. Но, сепак, со оглед дека мандатот член на Советот, кој е избран од редот на судиите, со престанок на судиската функција, му престанува и мандатот, без оглед на времетраењето на истиот. Од ова произлегува дека Судскиот совет во слична ситуација веќе има изградено јасен став врз основа на кој се донесени и наведените одлуки. Со оглед на тоа, а по донесената последна, четврта одлука со која е констатиран престанок на мандат за член на Советот, целисходно е да Ве известам за истото, заради Ваше запознавање и евентуално понатамошно постапување во врска со мандатот на именуваат судија, пишува во дописот до Собранието.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски пак изјави дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандатот на судијата Кацарска не може да каже ништо конкретно и се повика на член 111 став 4 од Уставот во кој се уредени основите за престанок на функција на уставен судија.

-Јас не сум ја видел содржината на таа иницијатива, не знам дали и како би постапило Собранието и затоа би се воздржал од коментар. Она што е важно, доколку е релевантно она што го видов во дел од медиумите, е тоа што не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд, изјави за МТВ Костадиновски.

Според член 111 став 4 од Уставот на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка, а судијата ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, нешто што го утврдува Уставниот суд.

Кацарска судеше предмети на поранешото Специјално јавно обвинителство, ја донесе првата пресуда против поранешниот премиер, Никола Груевски, а за истиот предмет „Тенк“, поранешната министерка за внатреши работи, Гордана Јанкулоска издржуваше затворска казна.

Го судеше и еден од најголемите судски предмети, упадот во Собрание на 27 април 2017 година, за којшто имаше затворски казни над десет години. Потоа, Кацaрска од судија во Кривичниот суд беше избрана за уставен судија.

Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека Кацарска била наградена за донесените пресуди со унапредување во Уставниот суд, а судството го нарекуваше „Кацарска и Русковска судство“.

По смената на власта Кацарска објави дека е под постојани закани.

Таа беше избрана за уставна судијка во ноември 2020 година, а во мај 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд.

Тригодишниот претседателски мандат и помина пред еден месец, а уставните судии имаат мандат од девет години.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More