HomeМакедонијаПо оставката на Чупеска, разрешен ќе биде Илиевски – СДСМ ќе има...

По оставката на Чупеска, разрешен ќе биде Илиевски – СДСМ ќе има еден потпретседател помалку

- Advertisement -spot_img

Откако Ана Чупеска даде оставка, СДСМ ќе остане без уште еден од четворицата потпретседатели избрани по доаѓањето на Венко Филипче на чело на опозициската партија. Како што неофицијално дознава „Фокус“, разрешен ќе биде Методија Илиевски поради несовесно однесување за време на изборите. Веќе е познато дека нов партиски потпретседател ќе биде Александар Трајановски, со што треба да се заокружат промените во најтесното раководство на социјалдемократите.

Меѓу двата изборни круга на локалните избори, како и непосредно по завршување на изборниот циклус, „паднаа“ неколку оставки на функционери на опозицискиот СДСМ, од кои највзучно име беше она на партиската потпретседателка и универзитетска професорка Ана Чупеска.

Освен неа, оставка поднесе и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров Костадин Ацевски, кој воедно побара оставка од цело партиско раководство на чело со лидерот Венко Филипче, кој уште претходно порача дека нема намера да се повлече, туку најави дека ќе продолжи да работи на консолидација на партијата.

Во меѓувреме, Филипче навести и одредени промени во партиското раководство, при што како нов партиски потпретседател јавно го промовираше Александар Трајановски, кој досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ, а на локалните избори настапи како кандидат за градоначалник на Аеродром.

Воедно, според информации на „Фокус“, ќе има уште една кадровска промена во партискиот врв на СДСМ, бидејќи наскоро ќе биде разрешен Методија Илиевски, еден од четворицата потпретседатели на партијата назначени откако Филипче ја презеде лидерска палка по ланските двојни избори.

Како што велат високи партиски извори, Филипче оценил дека Илиевски не бил доволно одговорен за да продолжи да ја врши потпретседателската функција во СДСМ, бидејќи, меѓу другото, заминал во странство во очи на изборите.

–Неприфатливо е било кој одговорен член, а камоли потпретседател да замине во странство, независно од причините, додека трае изборен процес и особено во пресрет на изборниот ден – вели висок партиски функционер.

Засега, според него, тука ќе се заокружат кадровските промени во најтесното партиско раководство на СДСМ, што значи дека партијата наместо четворица потпретседатели, како досега, во иднина ќе има тројца, од кои единствено нов ќе биде Трајановски.

Па така, на потпретседателските функции во партијата остануваат Кристина Костова и Каја Шукова, независно што Шукова имаше слаб резултат како кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Скопје, имајќи во предвид дека не влезе во вториот изборен круг.

Што се однесува до останатите врвни партиски функции, заменик-претседателка и понатаму ќе биде Фани Каранфилова-Пановска, а генерален секретар Александар Саша Димитриевиќ.

Инаку, првите луѓе на СДСМ размислуваат за формирање на партиско советодавно тело, каде ќе бидат повикани да членуваат поранешни истакнати социјалдемократи, како и непартиски луѓе кои се активни во јавниот живот и инклинираат кон левицата.

Покрај останатите, во ова тело треба да бидат повикани да членуваат и многу критички настроени социјалдемократи, кои периодов испорачуваат низа забелешки кон раководството на матичната партијата.

Во тој контекст, периодов во неколку наврати активен во јавноста беше поранешниот генерален секретар на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој моментално е координатор на пратеничката група на СДСМ.

Притоа, Спасовски деновиве во една прилика рече дека понудил оставка од позицијата координатор на пратеничката група на СДСМ, но, како што објасни, тоа не го сторил поради изборниот резултат, иако го оцени како дно, туку поради резолуцијата за црвени линии кон Бугарија.

Имено, дел од пратениците на СДСМ, на чело со Спасовски, биле против да се предложи ваква резолуција во предизборен период, со оглед дека, според партиски извори, на тој начин се реактуелизира тема поради која партијата платила голема цена на ланските парламентарни избори.

Арно ама, според висок функционер на СДСМ, главниот проблем избил кога Чупеска во име на СДСМ ја доставила оваа резолуција до Собранието, без претходно да знае и да биде известен Спасовски.

Затоа, тој бурно реагирал кај партискиот лидер Филипче, кој, според нашиот соговорник, му објаснил дека станува збор за недоразбирање, бидејќи Чупеска требало да ја достави до партиите, а не до собраниската архива.

Сепак, на крајот собранието не ја процесуирало резолуцијата бидејќи била поднесена со одредени технички недостатоци, но во секој случај таа стана голема тема во предизборието и дел од меѓупартиските препукувања на изборните митинзи.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img