Версајската палата во Париз е евакуирана поради закана за бомба, пренесува „Фигаро“ повикувајќи се на полициски извори.
Се додава дека на веб-страницата moncomisariat.fr е добиена анонимна порака, а палатата ќе биде затворена до крајот на денот.
Претходно во текот на денот, поради закана за бомба беше затворен и познатиот музеј Лувр, јави француската ТВ БФМ повикувајќи се на полициски извори.
Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, околу пладне, а посетителите морале веднаш да ја напуштат зградата.
Франција го подигна нивото на безбедност на највисоко ниво од петокот вечерта, по убиството на учителот Доминик Бернар, кој беше избоден до смрт од млад човек пред гимназијата во Арас. Во тој инцидент уште три лица се тешко повредени, меѓу кои и напаѓачот.
Актот беше прогласен за „исламски тероризам“ во Франција, а претседателот Емануел Макрон нареди мобилизација на 7.000 војници за да се зголемат безбедносните патроли во земјата.
Сите 7.000 војници ќе бидат распоредени низ земјата до понеделник навечер, а доколку е потребно и по тој период, прецизира Елисејската палата.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави во петокот дека нападот во Арас е поврзан со настаните на Блискиот Исток, каде Израел води воена офанзива против Хамас, палестинската милитантна група која изврши напади врз Израел минатата сабота.