Home » План за раст од 6 милијарди евра за регионот – лидери од Западен Балкан на состанок во Скопје

План за раст од 6 милијарди евра за регионот – лидери од Западен Балкан на состанок во Скопје

by Журнал

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе биде домаќин на состанок на лидерите од Западен Балкан, посветен на Планот за раст усвоен од Европската Комисија (ЕК). На состанокот ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија – Еди Рама, на Црна Гора – Милојко Спаиќ, на Косово – Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина – Срѓан Амиџиќ, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во ЕК и Џејмс О’Брајaн, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

На средбата ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Дополнително, ќе присуствуваат и претставници од Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, УСАИД, Фондацијата отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет, како и повеќе меѓународни финансиски институции како што се Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.

„Во пресрет на утрешниот Лидерски состанок во Скопје, посветен на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската Комисија, вечерва во пријателска атмосфера со лидерите од Западен Балкан ги потврдивме нашите ставови за интеграција на регионот во ЕУ. Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал за носење на храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас – и на Западен Балкан и на Европа, ни се потребни единство и стабилност“, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.

На 8 ноември, Европската комисија го усвои Планот за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот им се дава можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција.

Четирите основни столба на кој ќе се базира Планот за раст се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција на државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент во вредност од 6 милијарди евра неповратна поддршка за спроведување на основните и социо-економските реформи.

Како дел од овој План за раст, Еврокомисијата идентификуваше седум првични приоритетни области, кои ЕУ може да им ги понуди на земјите од Западен Балкан и кои ќе донесат значителни економски придобивки за регионот. Тие седум првични приоритетни области се слободното движење на стоки, слободно движење на услуги и работници, пристап до Единствената зона за плаќања во евра, интегрирање на превозот на патници, интегрирање на енергетските пазари, вклучување во дигиталниот единствен пазар и интеграција во индустриски синџири на снабдување.

За таа цел со Планот се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра концесиски заеми обезбедени од ЕУ.

Поддршката ќе биде обезбедена преку позајмици директно исплатени во националните буџети на партнерите од Западен Балкан. Од нив три милијарди евра ќе бидат ставени на располагање како директна поддршка за корисниците за да се забрза растот врз основа на клучните социо-економски реформи, а две милијарди евра грантови и една милијарда евра кредити ќе бидат наменети за поддршка на инфраструктурни инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие инвестиции ќе бидат наменети за транспортот, енергијата, дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини. Најмалку, 37 отсто од неповратната финансиска поддршка канализирана преку Инвестициската рамка треба да се однесува на проекти што ќе придонесат за остварување на климатските цели.

Според ЕК, овој План не е во спротивност со тековните процеси на пристапување и специфичните услови предвидени во тој процес, туку само ќе поттикне забрзување на усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More