Home » Пивоваров: Палевски знае што го чека во Македонија и ја одложува екстрадицијата од Турција

Пивоваров: Палевски знае што го чека во Македонија и ја одложува екстрадицијата од Турција

by Журнал.мк

Нормално е дека нивните адвокати ќе се обидуваат ова да го одолжуваат, но задача на државата Турција е да постапи по нашето барање, кое беше во сите експресни рокови напишано и испратено. Често, пракса е во вакви случаи, каде што со оглед на тежината на делото, затворската казна е речиси однапред позната, да се користат сите можни механизми тоа да се одложи, вели Владимир Пивоваров.

Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, националниот координатор за гранично управување и безбедносен експерт Владимир Пивоваров, освен за идејата за воведување на детектор за лаги на граничните премини и во десетина институции, говори и за неколку актуелни и подзаборавени случаи, како екстрадицијата на Палевски, бегството на Груевски, Диво Насеље, Смилковско езеро…

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ
Сѐ уште важна тема е грозоморното двојно убиство од пред три месеци и екстрадицијата на главниот осомничен Љупчо Палевски. Опозицијата и генерално јавноста реагираа на бројни пропусти. Какво е Вашето мислење?

Ова беше еден многу тежок случај, каде што имавме Н.Н. извршители. Можам да потврдам дека ова е школски пример на брзо и ефикасно решавање на еден комплициран случај за кој колегите од соседните држави буквално ни пружија рака за професионалноста. Без разлика на тоа што го зборуваат политичките партии дека имало вакви или онакви пропусти.

Да потсетам, веднаш по стапувањето на функцијата, министерот Панче Тошковски поведе истрага преку внатрешната контрола на МВР да се проверат тие информации и на крај ова што го кажувам го потврди и таа контрола.

Значи, во моментот на напуштање на државата полицијата, сѐ уште нема ништо цврсто за Палевски за да може да му забрани излез од државата. Тоа се добива веќе во следните неколку дена, кога и експресно е тој ставен на меѓународна потерница. Значи граничните служби немале законска задача да го сопрат тоа лице.

Јавноста сака да теоретизира и да мисли дека сѐ може да се реши во секунда. А во пракса тоа се тешки моменти за оперативците, кои токму поради вакви притисоци од јавноста и избрзување, може да направат многу грешки, што не беше случај во оваа истрага.

Сепак, ќе мора докрај да дочекаме да се заврши екстрадицијата, кога сите досега прибрани вербални и материјални докази ќе се спротивстават на она што може да го каже и другата страна, која сигурно има и своја верзија на настаните.

Во многу весници однапред се прејудицираше дека злосторникот е тој, а сѐ уште ја немаме слушнато другата страна.

Да, МВР има цврсти докази, кои многу веројатно се точни, но ние како јавност не треба да судиме пред судот, туку да ја сочекаме целата процедура до пресудата. Верувам дека многу скоро ќе дојде екстрадицијата, која е клучна за ова правно да се заврши.

Дали е ова нормално времетраење за една меѓународна екстрадиција?

Нормално е дека нивните адвокати ќе се обидуваат ова да го одолжуваат, но задача на државата Турција е да постапи по нашето барање, кое беше во сите експресни рокови напишано и испратено.

Често, пракса е во вакви случаи, каде што со оглед на тежината на делото, затворската казна е речиси однапред позната, да се користат сите можни механизми тоа да се одложи. Палевски знае што го чека во Македонија и веројатно затоа се фаќа за секоја сламка во Турција.

Ако можеби немало пропусти во бегството на Палевски, тогаш сигурно имаше во она на Никола Груевски. Како успеа на МВР да ѝ избега поранешниот премиер од стан кој се наоѓа на помалку од сто метри од главниот комплекс на Министерството?

Имаше изјави и од министерот и од обвинителката за организиран криминал дека ќе се спроведе истрага кој сѐ е вмешан, но до денес не добивме одговор до каде е таа истрага.

Без разлика на тоа, мое видување е дека дефинитивно имало големи пропусти во овој случај. Бидејќи кога имате таргет лице што треба да биде судено и во таква ситуација да се потпрете на таква заштита, односно само на лицата што претходно го обезбедувале, тоа е недозволиво. Па, работење или неработење на камерите на граничниот премин Блато.

Инаку во тој момент, јас случајно бев во Албанија, каде што веста на Топ ченл таму се објави пред да се објави и во Македонија. Јас разговарав веднаш со колегите и факт е дека тие не презедоа ништо за лицето што нелегално влегло во државата и му било дозволено за два часа да ја помине цела Северна Албанија и да ја напушти земјата на друг граничен премин. Истото се повторува и со Црна Гора и Србија.

Сето ова не можело да се изведе без голема поддршка од службите на сите овие држави. Сетете се на аферата „Шпион“, кога лица беа директно обвинети за соработка со унгарската држава, а тогашниот претседател Ѓорге Иванов само неколку дена подоцна го одликуваше унгарскиот премиер. Тотална контрадикторност во меѓународната пракса, која укажува дека уште тогаш постоело големо пријателство со Виктор Орбан.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More