Лани европскиот пазар на велосипеди со електрична поддршка достигна рекордни 5,5 милиони примероци, за 8,6 проценти повеќе од преклани. Еден од секои четири продадени велосипеди е електричен. Peugeot има нова понуда, некои од функциите на велосипедите се изненадувачки.
Peugeot Cycles има богата историја на иновирање што почнува во 1885 година. Со ексклузивната лиценца располагаат Cycleurope Industries, коишто ги конструираат, произведуваат и дистрибуираат сите модели на велосипеди под името Peugeot. Понудата опфаќа најширок круг велосипеди, од детски, трекинг и градски модели, до планински велосипеди. Секако дека во сите овие сегменти се нудат и велосипеди со електрична поддршка.
Кон завршетокот на 2023 и почетокот на следната година, Peugeot Cycles ќе ги понуди во продажба новите модели на велосипеди со електрична поддршка (EAB, electrically-assisted bicycles). Тоа што посебно ги одликува велосипедите е конективноста.
Преку користење наменска мобилна апликација, може да се избере електричната поддршка да се приспособува според условите, но има и функција на заштита од кражба, геолоцирање, навигација во вистинско време, временска прогноза на одредиштето, статистика за рутата и уште бројни други функции.
Новите EAB-модели на Peugeot Cycles припаѓаат во три категории:
Градски велосипед (Digital e-Bike)
Товарен велосипед со продолжена задна вилушка (Digital e-Longtail), погоден и за семејно користење, но и за превоз на товар.
Дигитален е-велосипед со предно товарење, како товарен велосипед со нанапред продолжена шасија за превоз на товар или со место за превоз на три деца. Според Peugeot Cycles, овој модел може да се користи и во професионална примена.
