Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска, изрази сериозна загриженост за состојбата со институциите надлежни за борба против корупцијата и организираниот криминал, посочувајќи дека нивното функционирање без почитување на волјата на граѓаните и на Собранието претставува сериозен демократски проблем.
Во гостување во емисијата „Објектив“ на МРТ1, Петрушевска потсети дека Собранието веќе има изгласано недоверба кон членовите на Судскиот совет, институција која според Уставот треба да обезбедува независност на судството и обвинителството.
„Во услови кога имате изгласан негативен извештај за работата на Судскиот совет, доверба од само 2-3% од граѓаните – што е на ниво на статистичка грешка – и кога легитимните претставници на народот, преку Собранието, изгласаа недоверба, членовите на ова тело не смеат да продолжат да ја вршат својата функција како ништо да не се случило“, изјави Петрушевска.
Таа ја коментираше и актуелната состојба со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), нагласувајќи дека јавноста има основани причини за загриженост поради наводната вмешаност на претседателот на Комисијата во сериозен криминален скандал.
„Ние како парламентарно мнозинство внимателно ја следиме ситуацијата и, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, засега остануваме воздржани во однос на директни коментари за случајот. Но очекуваме морален чин – оставка“, додаде таа.
Петрушевска потенцираше дека ефективната имплементација на законите поврзани со борбата против корупцијата е невозможна без јасен систем на вредности и висок личен и институционален интегритет.