Воената операција што неодамна ја презедоа САД во Иран не само што има силен воен карактер, туку носи и значајни геополитички последици. Вака анализира поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, нагласувајќи дека ваква акција испраќа пораки на повеќе нивоа.
„Мислам дека акцијата беше насочена кон две главни цели. Прво, да ги увери сојузниците на САД и Израел во нивната заложба, и второ, да ги одврати ривалите и поддржувачите на Иран, особено по консултациите што иранскиот министер за надворешни работи ги имаше во Москва и пораки што беа испратени оттаму. Нападите врз американските бази во Катар го отворија прашањето за понатамошен одговор од американските и израелските сојузници, а истовремено се засилија и нападите врз Израел,“ смета Петровска.
Таа додава дека, иако до пред неколку часа можеше да се надева на дипломатско решение, актуелните настани растојуваат таква можност.
„Анализата на официјалните изјави, особено на Белата куќа и претседателот Трамп, покажуваше нагласена реторика и индиректни најави за напад. Притоа, важно е какви пораки биле разменети и во позатворени дипломатски кругови, додека официјалните повикуваа Иран да се воздржи од развој на нуклеарно оружје. Дури и по изјавите на директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, кој тврдеше дека нема докази за нуклеарно оружје – само постоење на нуклеарен материјал – аналитичарите проценуваат дека за кратко време би можела да се изгради првата бомба. Веројатно токму прецизните разузнавачки информации ја мотивираа оваа операција, со оглед на историјата на точност на американските служби“, заклучува Петровска.