Home » Петровска – Пич: Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство ја зацврстува безбедноста на регионот и колективната безбедност на алијансата

Петровска – Пич: Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство ја зацврстува безбедноста на регионот и колективната безбедност на алијансата

by Журнал.мк

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лордот Стјуард Пич, со кого разговараше за безбедносната состојба во Европа и во регионот на Западниот Балкан и за развојот на одбранбените односи помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство како сојузници во алијансата. На состанокот присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон.

Северна Македонија, рече министерката, го смета Обединетото Кралство за сојузничка земја со која имаме силни пријателски врски и развиена одбранбена соработка, која ни помогна да ги достигнеме НАТО-стандардите.

„Нашата заедничка посветеност кон зацврстување на безбедноста и стабилноста е повеќе од видлива. Со британска поддршка ние продолжуваме да го развиваме нашиот најголем полигон во модерен тренинг-центар, кој нуди одлични услови за развој на интероперабилноста помеѓу сојузниците во НАТО“, рече Петровска.

Специјалниот претставник, лордот Пич, на средбата истакна дека Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат силна одбранбена соработка, видлива преку континуираната британска поддршка во доменот на военото образование, разни видови донации и заеднички вежби на припадници на двете вооружени сили на полигонот Криволак.

Обединетото Кралство е сојузничка земја со која Северна Македонија има развиено сеопфатна одбранбена соработка. Во 2023 година беа реализирани десет заеднички обуки и вежби, а припадници на Армијата продолжија да се усовршуваат на високи воени школи во оваа земја.

На Криволак, со поддршка од Обединетото Кралство од околу еден милион британски фунти, поставени се 14 комплексни мобилни единици за обука на армиските припадници во урбана средина, донирани се електронски системи за таргетирање, а во финална фаза е изработката на кула за гаѓање. Дополнително, британски војници реализираа голем број обуки со припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група на македонската Армија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More