Home » Петличковски: Се движиме кон крајот на пандемијата

Петличковски: Се движиме кон крајот на пандемијата

by Журнал.мк

Веднаш по поставувањето на челната позиција во комисијата за заразни болести, проф. д-р Александар Петличковски е подготвен да даде полн придонес во битката со ковид-19 во Македонија. Тој смета дека некои работи во справувањето со последиците од вирусот можат да се подобрат, а тоа пред сè се однесува на транспарентноста и на информирањето.

Тој вели дека добил целосна поддршка од надлежниот министер, но и добра соработка од колегите, па очекува конструктивна дискусија во Комисијата за заразни болести. Сепак, Петличковски потенцира дека и претходниот состав на комисијата работел стручно и ревносно.

– Најпрво, комисијата и во претходниот состав стручно и ревносно си ја работеше работата. Транспарентноста и информирањето на јавноста околу работата на оваа комисија може да се подобрат. Од првите контакти кои ги имавме деновиве, многу сум задоволен од поддршката од министерот за здравство, од атмосферата и од конструктивниот пристап и очекувам продуктивни дискусии од кои ќе произлезат разумни препораки – изјави д-р Петличковски за Плусинфо.

Повеќе земји во Европа се во процес на олабавување или на откажување на сите здравствени мерки донесени за заштита од ковид-19. Претседателот на Комисијата за заразни болести открива дека и во Македонија се согледуваат опциите за олабавување на мерките, но сè уште е рано.

– Една од основните задачи на оваа комисија е да ги следи препораките за однесување во земјите ширум светот и да предлага соодветни препораки применливи кај нас. При тоа мора да се имаат предвид актуелните околности во земјата, епидемиолошката состојба, опфатот со вакцини, процент на прележани, расположливост на болнички капацитети и слично. Се разгледува и олабавувањето на здравствените мерки, но во моментов не сметаме дека сме спремни за тоа. Се разбира, ситуацијата може да биде различна веќе по 2 недели, па препораките ќе трпат промени – додава тој.

Многу полемики во јавноста предизвика одлуката со која децата во второто полугодие од училишната година беа испратени на настава со физичко присуство. Петличковски смета дека одлуката е исправна.

– Мислам дека тоа е добра одлука. Имајќи ги предвид препораките на сите релевантни институции во светот, настава со физичко присуство е избор секогаш кога има услови за тоа. Во моментов, епидемиолошката состојба помеѓу младите е добра, нема голем број на случаи на ковид-19 и со следење на протоколите не се очекува значајно ширење на инфекцијата во училиштата – вели претседателот.

Голем број на теоретичари се обидуваат да го предвидат крајот на пандемијата. Петличковски вели дека иако не е можно да се предвиди крајот, сепак тој гледа повеќе показатели кои укажуваат на тоа дека се движиме кон тоа ковид-19 да стане ендемска болест.

– Никој не може точно да го предвиди крајот на пандемијата. Секако дека денес како човештво, па и како држава сме во подобри околности отколку на почетокот на пандемијата. Има повеќе показатели кои укажуваат дека се движиме кон крајот на пандемијата и очекуваме набрзо ковид-19 да стане ендемска болест, со повремено, локализирано појавување и без големи последици по здравствениот систем и населението – заклучи д-р Петличковски.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More