Бугарскиот државен врв во отворен конфликт за односите со Македонија. По коментарите на Претседателот Радев за ОМО Илинден- Пирин и посетата на бугарскиот премиер на Македонија која тој ја оцени за избрзана, Петков со контра одговор.
Вели дека посетата не само што не била избрзана, била и премногу задоцнета и упати директна порака до Радев во врска со водењето на надворешната политика.
-Вистината е дека ние загубивме 30 години во овие односи. Не само што не е избрзана посетата туку беше ужасно задоцнета. Не од мене Кирил Петков како премиер, тоа беше задоцнето од бугарската држава да има активна позиција и да има конструктивен тон на дејствување, да има јасни цели и точен пристап. / Доброто е што надворешната политика на Македонија и на Бугарија зависи од премиерот и Владите на двете држави.-Кирил Петков – Премиер на Бугарија.
Темата за конфликтот меѓу Радев и Петков за односите Скопје- Софија влезе и во бугарското собрание. Потпретседателот на опозициската ГЕРБ Тома Биков порача дека меѓу двајцата лидери нема несогласувања туку директен судир по повеќе теми, а прашањето за односите со Македонија се злоупотребува.
-Тука не станува збор за фронтови, според мене тоа е конфликт кој е во рамките на тие кои го формираа владејачкото мнозинство. Господинот Радев е дел од тој процес. / А темата Македонија? / Темата за Македонија беше искористена како повод.-Тома Биков – ГЕРБ .
Многу повоздржан е Христо Иванов од Демократска Бугарија, чија партија е дел од владејачката коалиција. Тој не сакаше да зазема страна, но посочи дека посетата на Петков на Македонија според него е позитивен чекор за двете држави.
-Ако има тензија меѓу нив, треба да ги прашате. Јас не можам да бидам алатка за мерење на тензиите. Она што можам да го кажам е дека мислам дека е рано да се коментира и оценува пристапот на премиерот кон решение на проблемот со Македонија.- Христо Иванов – Демократска Бугарија.
Во меѓувреме, Македонија според најавите по две години се очекува да го пополни амбасадорското место во Бугарија. Според информациите, на синоќашната владина седница поминал предлогот тоа да биде Агнеса Руси, дипломатка од кариера, која од 2018 година ја претставува Македонија во Европската Унија. Таа би заминала во мисијата откако ќе добие согласност од Пендаровски и ќе добие агреман од Софија.. Сепак, за сега од МНР официјално ниту ја потврдуваат ниту пак ја демантираат информацијата.