Кевин де Бруине уште пред неколку месеци се опорави од незгодната повреда, но белгискиот репрезентативец се поретко добива шанса од Пеп Гвардиола да блеска во дресот на Манчестер Сити како што тоа го правеше со години наназад.
Белгиецот влегува во последните месеци од договорот и веќе е повеќе од извесно дека тој летово ќе си замине од Манчестер, а и односите со Пеп Гвардиола дефинитивно му се значително нарушени. Де Бруине беше незаменлив дел од тимот на Сити на сите поголеми натпревари во последните шест-седум години, но Гвардиола реши да го остави на клупата на реваншот со Реал Мадрид.
„Де Бруине не е повреден, тоа не беше случај. Зошто не играше? Затоа што јас решив така, тоа е моја одлука. Не разговарав со него, јас никогаш не им објаснувам на играчите зошто играат или не играат на одреден натпревар. Мојот однос со Кевин е исклучителен. Многу сум му благодарен за се што направи за мене, за тимот целиот овој период“, коментираше Пеп Гвардиола.
Пораката е јасна – Белгиецот како еден од најплатените фудбалери во Премиер-лигата повеќе не е незаменлив и веќе може да почне да си ги пакува куферите.
Кевин де Бруине досега има 408 настапи во дресот на Манчестер Сити, притоа постигнувајќи 105 гола надополнети со 173 асистенции.