Претседателот Стево Пендаровски ги искоментира свирежите кон него пред влезот на црквата Свети Спас, додека положуваше цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
-Нема да ги затвораме луѓето затоа што изразиле задоволство или незадоволство од било кој наш потег. Затоа се боревме, за да живееме во демократска земја. Мене ми е драго што гледам таква реакција. Ние сме платени за да трпиме секаква критика, одговори Пендаровски.
Тој оцени исто така дека нема лични пораки кон него од премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во коментарот околу темата кој ја води надворешната политика на една држава.
– Петков не оди со реторика која до вчера беше стандардна за некои претставници на бугарската власт. Тој во споредба со претходниците во Бугарија е како Нелсон Мендела. Претходно на дневно ниво имавме количина нанавреди и кон нас и кон државата, рече Пендаровски.
Околу заедничкото честување на Гоце Делчев, Пендаровски потенцира дека ваквиот чин не може да ја влоши систуацијата.
– Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на историската комисија, меѓутоа не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои историската комисија имавме заеднички чествувања на одредени настани и личности и без да има одлука на историската комисија сме правеле и во Бугарија и во Македонија на различни паметници. Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност. Ова не е притисок за подбрзо да се однесе одлука. Не го гледам ова како чин кој ќе одмогне туку кој ќе помогне, вели Пендаровски.