Вечерва во преполната сала „Борис Трајковски“ се одржа конвенцијата на петседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски. Доаѓањето на Пендаровски беше најавено и бурно поздравено со тапани, а поддршка за кандидатурата му дадоа познати глумци и јавни личности, кои ги истакнуваа скромноста, чесноста и отвореноста за сите граѓани како негови карактеристики додека беше досега на функцијата. На конвенцијата присуствуваше и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерите на коалиционите партнери, а со овации и прегрнувања беше пречекан и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
– Победата почнува денес, победата почнува тука и победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски, порача Ковачевски кој прв се обрати пред поддржувачите.
Тој нагласи дека Пендаровски пред се е прогресивен претседател, кој верува во прогресивна Македонија и не се откажува од европската иднина.
-Ние не се откажуваме од иднината! Ние покажавме храброст. Покажавме дека имаме план. Покажавме што значи лидерство. Лидери се токму тоа, луѓе со визија и луѓе кои не се откажуваат. Не се откажавме затоа што ние сме на вистинската страна, рече Ковачевски.
Тој притоа потсети дека на епизода од времето кога се решаваше за францускиот предлог потенцирајќи дека во тие одлучувачки моменти Пендаровски му понудил јасна поддршка за иодлуката што ќе ја донесе и долгорочна поддршка за искушенијата низ кои ќе треба да пројде и критиките со кои ќе се соочи.