Home » Патување со Porsche, издание 2023: По возење Porsche се зборува многу тивко

Патување со Porsche, издание 2023: По возење Porsche се зборува многу тивко

by Lina Muslija

Најверната претстава за тоа што Порше Македонија и огранокот на спортската марка за Централна и Источна Европа го приредија на овогодинешната Road Tour: Моќноста на сите единаесет автомобили во ергелата заедно изнесува 3.633 киловати. Близу 5.000 КС. За споредба, двата генератори во Матка располагаат со 4.900 киловати. Ако се впрегнат во таква задача, овие скапоцени автомобили Porsche можат да снабдуваат со електрична енергија половина град. Но, овие се премногу фини за таква мисија

Вообичаено поаѓање како на Леман од центарот на Порше Македонија и подготвеност за едно од најдраматичните возачки доживувања – во услови надвор од тркачка патека и со придржување до правилата во сообраќајот. Тоа е традиционалната Porsche Road Tour што регионално ја организира огранокот на германската спортска марка за Централна и Источна Европа, со посредство на нашите ценети Порше Македонија.

Како може ова возење да биде возбудливо, кога не се јури со „триста на час“, па уште и по славните-неславни македонски патишта, на коишто половина од квалитетот им има исчезнато по викенд куќи од по два три милиони, а останатата половина ја изело невештото проектирање на истите?

Возбудливо е, затоа што овие автомобили се чувствуваат со сите сетила: Звукот тука не треба да биде потиснат, внатре мириса на дело на мануфактурна работилница, погледот е задоволен од тоа што се гледа еден од најценетите грбови на автомобилската сцена, кожата не реагира инаку освен со наежување, а вкусот е на успехот – кога на човек ќе му успее да создаде барем седумцифрен капитал, ваков е вкусот на успехот.

Најголемата возбуда е сепак во тоа што на секои дваесетина минути возење се менува моделот. А, тоа обично значи, отворање на сосем друг свет на Porsche. Чувството на возење Porsche секако дека има некоја заедничка одлика, којашто се темели на начелата на спортското возење и на германската страст за конструирање автомобили – и тркање со нив, секако. Но, тука нема тркање.

Моделите на Porsche на турата 2023:

  • 718 Boxster GTS
  • 718 Cayman
  • 911 Cabriolet
  • 911 Targa
  • 911 Turbo S
  • Macan S
  • Panamera GTS Sport Turismo
  • Taycan
  • Taycan 4S Cross Turismo
  • Taycan Turbo
  • Taycan Turbo Sport Turismo

Кога ќе се преседне од еден во друг модел на Porsche, тоа е како да се влегува во нов акционен филм на некој познат и ценет режисер. Огромни се разликите. Првиот автомобил за возење беше Porsche 718 Boxster GTS. Со постојано присутен звук, и секако со спуштен покрив, и покрај печењето од светото македонско сонце во август – затоа што уживањето во возењето е целосно кога е „горе без“ – овој Porsche без простор за какво било двоумење се покажа како да е мотоцикл што се вози без кацига. Такво е чувството. Неверојатно е тоа што Цуфренхаузен има уште три степени над оваа изведба на родстерот со 360 КС: Со шестцилиндарски боксер од 911, во GTS 4.0 следат 400 КС, во ексклузивната изведба Spyder следат 420 КС, а врвот е Spyder RS so 500 КС. Спринтот до темпо сто во „најлошиот“ случај трае 4,3 секунди.

Едниот е како мотоцикл, другиот како јахта, трет е како  посета на оперска куќа

За втор модел за возење се погоди 911 Targa 4S, со видот на покрив што има долга традиција во Porsche и со мошне впечатлива кинематика при спуштање. Во споредба со „мотоциклот“, овој се покажа како „јахта“. Амортизацијата во споредба со 718 Boxster GTS работи многу порелаксирано, звуците се мајсторски моделирани. Ова е гран-туризмо за долго патување со класично спортско купе, не-СУВ патување, коешто нема да се одвива само по автопат, туку по избрана „сценографија“, покрај море, по планински превој, во некој отмен регион.

И, за уште еднаш да се покаже колку е различен еден Porsche oд друг Porsche, следна за возење беше Panamera GTS Sport Turismo. Нејзиниот прекар: „Оперска певица“. Мецосопран. Целата драма тука ја создава моторот V8. Сосем различно од традиционалниот шестцилиндарски боксер на Porsche, по звукот, по начинот на ослободување на силата, по моќното пумпање њутнметри.

Porsche Road Tour е исклучителна можност за нас да ја прославиме нашата љубов кон возилата на Porsche и неспоредливите искуства што тие ги нудат. Возбудени сме што ги спојуваме нашите клиенти, медиумски партнери и заедницата на Porsche Club Macedonia во едно незаборавно патување.
Златко Муцунски, Генерален Менаџер на Порше Македонија

Следните автомобили до одредиштето, познатиот Хотел и Спа Ресорт Радика во Леуново, се еден од петте електрични модели Taycan во возниот парк за роуд-турата и 718 Cayman Style Edition. Само специјалната „штернрубин нео“ боја на Cayman чини доплата од близу 2.500 евра и различно од убедувањата, причината зошто Porsche толку практикува да ја нуди пинк-бојата во својата палета, не е за таа да им се допадне на дамите (што секако е најважната работа на светот), туку има врска со мотоспорт-традицијата на германската марка.

Porsche е спортски автомобил за секој ден и тркачки автомобил за тркачка патека, во едно

Тоа на што се свесни познавачите на марката, а уште повеќе сопствениците, тоа е употребливоста на Porsche во секојдневието. Можеби човек ќе се убеди дека конечно треба да симне десетина килограми вишок, откако ќе се најде како лази од „911“, меѓутоа во поглед на возниот комфор, во контролата на моќноста, германскиве спортски автомобили не поставуваат премногу ограничувања во поглед на користењето во секојдневието.

Капитенот на единаесетката на Porsche на оваа тура е, никој друг, туку неговата чест, Porsche 911 Turbo S. Спринт до темпо сто за помалку од три секунди е резултат од 650 КС и 800 њутнметри. Уште помалку од тоа, две секунди, доволни се за човек да притисне повеќе и да остане половина година без дозвола за возење. Ова е автомобил за почит, и тоа што умее да го постигне, за што меѓу другото сведочат и 10-клипните сопирачки клешти, може да се искуси на тркачка патека, на Нордшлајфе на Нирбургринг, на пример. Колку е моќно забрзувањето и колку овој свет се разликува од „голф и пасат“, сведочи тоа што моќното повлекување, тука не притиска само врз стомакот, туку и мозокот се поместува наназад. Пилотска дозвола за овој автомобил, заради пилотската одговорност.

Porsche на големо го нуди (и го продава) електричниот погон, некој уште ќе мудрува какви биле електричните автомобили?

Во врска со петте Taycan на турата, Порше Македонија ги реши сите заблуди и напади врз електричниот погон. Во кругот на компанијата се поставени неколку дузини полначи со најразлична моќност, вклучувајќи ја и турбо-станицата за полнење со моќност од 320 киловати. Целата приказна се заокружува со фотоволтаичките панели што се поставени по половина од покривот. Полначите црпат енергија точно од овие панели. Taycan без каков било проблем го совлада патувањето до Маврово и назад, во поглед на досегот на батеријата. Со струја наполнета на сопствените полначи на Порше. Затворено прашање.

Токму Porsche дава одличен пример за тоа дека електричниот погон е „само“ уште еден избор. Без многу локални мудрувања, директори на светски компании со десетици милиони евра годишна плата и челници на држави што имаат повеќе вработени во автомобилската индустрија отколку што земјава има жители, веќе одамна го испочитуваа електричниот погон.

Во некоја следна тура на Porsche, автомобилите можеби ќе користат и синтетско гориво. Сцената има уште многу планови.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More