Многубројни Палестинци, меѓу кои има и голем број деца, борејќи се со гладот поради ембаргото што Израел го воведе во Појасот Газа, секојдневно чекаат во редици за храна што ја делат хуманитарните организации, известува Анадолу.
Израелските напади врз Појасот Газа не запираат, а во регионот Нусејрат во Газа луѓето со садови во рацете секој ден чекаат да добијат оброк што значи живот.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, минатиот месец предупреди на неподносливиот глад што му се заканува на палестинската енклава.
„Големото раселување и ограничената испорака на хуманитарна помош значат дека луѓето во Газа се соочуваат со катастрофално ниво на глад“, рече Гутереш.
Јужноафриканската Република го обвинува Израел дека го користи изгладувањето како оружје во војната, со цел депопулација на Газа низ масовни убиства и присилно раселување.
Во геноцидот што Израел го спроведува во Појасот Газа од 7 октомври минатата година, убиени се 43.712 Палестинци, а 103.258 се повредени, објави Министерството за здравство во Газа.
Во соопштението се истакнува дека под урнатините и покрај патиштата има голем број мртви, но медицинските тимови и припадниците на цивилната заштита не можат да дојдат до нив поради израелските сили.