Кој останува во владата, а кој ќе замине заедно со Таравари, ќе се знае во текот на неделава. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека целта до локалните избори треба да биде појасна.
Од ВЛЕН очекуваат трендот на напуштање на Таравари од страна на неговите поддржувачи да продолжи.
„Сите овие случувања во АА се знак дека решителноста на структурите е поголема да не завршат во прегратките на Али Ахмети, отколку калкулациите на Таравари. Според нашите информации, ова ќе продолжи, револтот кај поддржувачите и симпатизерите е голем. Притисокот ќе биде во наредните денови, но верувам дека овој тренд ќе продолжи“, рече Орхан Муртезани, ВЛЕН.
Оваа изјава доаѓа еден ден по најавата за оставка од Салим Сулејмани, и од функциите во АА и од пратеничкото место. Поддржувачи на Таравари на социјалните мрежи тврдат дека Сулејмани не поднел оставка од принципи, туку неофицијално му било ветено место амбасадор во новата амбасада што ќе се отвори во Саудиска Арабија.
Ден претходно се огласи и вицепремиерот Арбен Фетаи, според кој патот на АА не води преку Ахмети. Сепак, неговиот став останува нејасен – дали ќе продолжи да биде дел од АА со Таравари, дел од ВЛЕН или евентуално дел од некоја трета алијанса. Пред два дена, Таравари го напушти и поранешниот министер за администрација Азир Алиу, кој потврди дека останува со ВЛЕН. Денес оставки поднесоа заменик-министерот за земјоделство Флакрон Беџети и заменик-министерката за одбрана Елфете Исмаили.