Доколку детето не се жали дека има проблеми со видот, тоа не значи дека видот му е добар. Вистинската состојба можат да ја откријат само превентивните прегледи, а доколку проблемите со видот се откријат на време дури 90% од нив можат да се надминат.
Негрижата за видот на детето може да резултира со сериозни последици за детето, исто така на тој начин се пропушта можноста за навремено коригирање на „рефракциски грешки“ што може да ја ограничи можноста за нормален развој на видот кај детето.
Имено раното откривање на проблемите со видот како што се: кратковидоста, далекувидоста, слабовидост и астигматизам може многу да ги зголеми шансите за отстранување на овие проблеми пред првите училишни задачи на детето.
Ограничете го времето коешто децата го поминуваат пред малите екрани
Во денешниот свет децата сè повеќе време поминуваат гледајќи во близина – гледајќи телевизија, користејќи мобилни телефони или компјутери, или пак читајќи книга. За разлика од 1970 година, кога децата почнувале да ги користат овие медиуми на четири годишна возраст, денес тоа го прават веќе со наполнети четири месеци, пишува во студијата објавена во медицинското списание „Cureus“.
Навиката на гледање во близина може да предизвика напрегање на очите и може да ја поттикне кратковидоста, најчестиот тип на нарушување на видот кај децата, се нарекува и миопија, а резултира со кршење на светлосните зраци пред мрежницата на окото наместо во неа, поради што децата не ги гледаат јасно предметите во далечина.
Со цел да се вежба окото за да се навикне на гледање на предмети на различни далечини, се препорачува правилото 20 – 20 – 20, којшто во последните години го популаризираше офталмологот Џеф Аншел. Ова правило значи дека по секои 20 минути гледање во екран, треба да се погледне во предмет оддалечен околу 20 чекори (шест метри) од вас, и тоа на секои 20 секунди. Ова правило е особено значајно да се применува кај децата до седум години бидејќи тогаш нивниот вид уште е во фаза на развивање.
Планирајте активности на отворено
Играњето со врсниците или прошетката во природа се повеќе од забава за децата. Покрај тоа што уживаат во таквите активности, тие се добри за нивниот развој бидејќи го зајакнуваат имунолошкиот систем и ја подобруваат нивната физичка кондиција. Поради тоа родителите треба да им овозможат на децата неколку часови дневно да поминуваат на отворено и без гледање во малите екрани, а во текот на престојот на отворено очите на децата ќе се фокусираат на пооддалечени предмети и на тој начин ќе се намали ризикот од појава на диоптрија кај детето.