Крушите содржат многу корисни материи, вклучувајќи витамини, микро и макроелементи, органски киселини и други биолошки активни компоненти. И покрај нивната слаткост, крушите се помалку калорични од јаболката, што ги прави погодни за диетална исхрана.
Љубителите на круши, по правило, не страдаат од гастроинтестинални проблеми, вклучително и запек. Имено, крушите се одлични за ублажување на запекот поради високата содржина на влакна, особено на пектин, кој помага во регулирањето на варењето. Влакната додаваат маса на столицата, што го олеснува нејзиното движење низ цревата. Покрај тоа, крушите содржат сорбитол, природен шеќерен алкохол кој има благо лаксативно дејство. Водата што се наоѓа во крушите придонесува и за омекнување на столицата, со што се спречува запекот.
Доколку на пациентот му е дијагностицирано воспалително заболување на уринарниот тракт, се препорачува консумирање на компот од круши.
Меѓутоа, крушите не се добри за секого. Според гастроентеролозите, тие не се препорачуваат за лица со болести на панкреасот, односно со панкреатитис. За таа група на луѓе тие се проблематични поради нивната висока содржина на влакна, кои кај панкреатитисот може дополнително да го оптоварат дигестивниот систем, бидејќи телото потешко го разградува и апсорбира, што може да ги влоши симптомите како што се болки и надуеност. Исто така, крушите содржат природен шеќер, фруктоза, што може да предизвика дигестивни проблеми, особено кај луѓето со панкреатитис, бидејќи ослабениот панкреас потешко ги произведува ензимите потребни за правилно разградување на шеќерот.
На крајот, сировите круши може да бидат премногу тешки за дигестивниот систем на луѓето со панкреатитис. Вареното или печеното овошје обично полесно се вари, па затоа сировите круши треба да се избегнуваат или да се подготвуваат на начин што ќе го намали нивното иритирачко дејство. Затоа, иако крушите се хранливи, луѓето со панкреатитис треба да бидат внимателни поради можна иритација на дигестивниот систем.