Министерот за здравство Арбен Таравари ја достави оставката до Владата, како што најави вчера. Во оставката Тараври наведува дека функцијата ја извршувал посветено, транспарентно и одговорност кон граѓаните и дека одлуката ја донел по внимателна лична и професионална евалуација.
„Одлуката ја донесов по внимателна, лична и професионална евалуација“, рече Таравари.
Неговата оставка, откако ќе биде прифатена од премиерот, се очекува да помине низ процедура во Собранието.
„Сѐ уште немаме никакви информации или најава. Кога ќе ја добиеме писмената оставка, тогаш според правилникот ќе почекаме предлог од премиерот да ја констатираме оставката, и потоа да преминеме на постапката за именување на новиот министер. Зборуваме за хипотетички ситуации“, рече Африм Гаши, претседател на Собранието
По објавувањето на оставката на Таравари, од Влен се убедени дека позициите кои им припаѓале на АА во извршната власт ќе бидат пополнети од кадри на Влен. Вицепремиерот Меџити вели дека не е разговарано со ВМРО-ДПМНЕ тие да го преземат здравство.
„Прво мораме да ја констатираме оставката. Она што е важно, сите позиции што ги има Алијансата за Албанците, ќе останат на Влен. Ќе анализираме, ќе го дадеме најдоброто и најподготвените за тие позиции“, рече Меџити.
Таравари завчера најави оставка, но, како што рече за МИА, ќе бидат разрешени и други функционери. За Меџити, ова покажува дека Таравари не е во согласност со партиските структури.
„Ова покажува дека огромното мнозинство во Алијансата за Албанците, која првично беше антипод на ДУИ, не се согласува со ставот на лидерот на партијата. Тргна по погрешен пат и евидентно е дека секој ден има заминувања, има презентации на различни мислења од различни функционери. Ова покажува дека претседателот не е на иста линија со членството и партиските структури“, додава Меџити.
АА во Владата е застапена со Министерот за здравство, Заменик претседателот на Владата за добро владеење, Заменик министерот за земјоделство и Заменик министерот за одбрана. Другите функционери од пониските ешалони, исто така, се очекува да бидат разрешени.