Видливи оштетувања има на „Мостот на желбите“ кај „Потпеш“ и потребна е санација во пресрет на сезоната, за да се избегнат несакани повреди на посетителите.
На повеќе места е оштетен дрвениот под, а има оштетувања и на заштитната ограда.
„Мостот на желбите“ го спојува центарот на Охрид со најатрактивниот дел на градот, месноста „Потпеш“ и „Канео“. Станува збор за донација од бизнисменот Велија Рамкоски и беше пуштен во употреба на 8-ми септември 2009 година. Тогаш, пуштањето во употреба на мостот предизвика бројни и бурни реакции во охридската јавност, затоа што манифестацијата се случи само четири дена по големата трагедија со бродот „Илинден“, кога загинаа 57 патници и кога сите други слични настани беа одложени.
Своевремено, на самиот мост беа поставени плочки со 12 хороскопски знаци, а според името кое му е дадено, замислата била секој да застане пред својот хороскопски знак, да погледне кон езерото и манастирот „Свети Наум“ и да замисли желба.