Градоначалниците во општините изминатите години поради економската криза добиваа финансиска помош од централниот буџет, но добија пари и преку програмата на ТАВ, а во декември на нивните сметки беа префрлени 32,5 милиони евра за капитални проекти. Сега аплицираат на конкурост за да добијат дел од 250.000 милиони евра кои им ги вети премиерот Христијан Мицкоски од унгарскиот кредит.
Сепак се чини дека парите како да завршуваат во бунар без дно, пишува во анализата порталот „Рацин“.
Владата на премиерот Димитар Ковачевски, кон крајот на минатата година, на 14 декември 2023 година донесе одлука за пренамена на буџетски пари во износ од две милијарди денари (32,5 милиони евра) за реализација на 66 проекти во 44 општини.
Освен Градот Скопје, пари од државната каса добија општините Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.
Според владината одлука парите требаше да бидат наменети за изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните, дел од нив се реализираат, но за дел од нив нема информации што се случува.
Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски пренамени 110 милиони денари за реконструкција на сообраќајницата преку која се влегува во Битола од страната на Прилеп. Пари се наменети и за довршување на мостот на улицата „Љубљанска“ во Скопје.
Министерството за образование и наука пренамени 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во општината Аеродром, а со средства од ова министерство во јуни годинава започна изградба на ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ во Сингелиќ, Општина Гази Баба, која се уште не е започната.
Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина во износ од 90 милиони денари сѐ уште не е започната изградбата на фабриката за рециклирање отпад. Од областа на животната средина не е почната ниту предвидената изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница.
Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што беа предвидени осум милиони денари, а ќе биде готова до декември 2024 година.
На 23 декември 2020 година, Владата го утврди Договорот за концесија склучен помеѓу Република Северна Македонија и ТАВ Македонија, со кој беше ставена во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во штипско. Со оваа одлука финансискиот износ од 49,7 милиони евра за таа намена се пренамени за 90 инфраструктурни проекти за 75 општини во државата, како и за проширување на капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.
Првата група од 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра, ги доби парите на 15 јуни 2021 година.
Следуваше втората транша од овој проект кога Фатмир Битиќи и градоначалниците од оваа група потпишаа договори за реализација на 36 инфраструктурни проекти во 34 општини, за исполнување на реалните потреби на граѓаните.
Во втората група на договори најбројни се, по девет, оние поврзани со проекти за водоснабдување и проекти за изградба и рехабилитација на улици и локални патишта, а ќе се реализираат и осум проекти поврзани со изградба или рехабилитација на комунална инфраструктура, фекална или атмосферска канализација.
Трета група општини ги потпиша договорите за грантови на 30 јули 2021 година, кога 32 општини се обврзаа да реализираат 35 инфраструктурни проекти, како и проектите за подобрување на условите на терминалите на двата аеродроми со кои оперира ТАВ, во вкупна вредност од 22,3 милиони евра.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека утре започнува процесот на евалуација на проектите поднесени од општините за распределба на сто милиони евра. Перински објасни дека евалуацијата нема да трае подолго од седум до десет дена. Тој посочи дека до средината на следната недела треба да биде подготвен извештај од ресорните министерства за тоа кои проекти ќе бидат финансирани.
Општина Теарце е единствената општина од вкупно 81 што не успеала да аплицира навреме. Тие првично испратиле апликација без потпис и печат од приватен мејл, а потоа испратиле и апликација по пошта, но по истекот на рокот.