Општина Маврово и Ростуше изрази „зачуденост и разочарување“ поради „објавените информации во медиумите за наводен побаран и примен поткуп“ од страна на раководителот на одделението за урбанизам во општината, Садредин Елезоски. Информациите за апсењето на раководителот, инаку, ги објави Министерството за внатрешни работи, а медиумите ги пренесоа.
Елезоски вчера беше фатен на дело пред скопски ресторан со 2.000 евра кои биле обележани, а му ги дал инвеститор на кој му ветил издавање одобрение од општината за изградба на апартмани. Според Обвинителството, раководителот побарал вкупно 13.000 мито, кои инвеститорот требало да му ги дава на рати.
„Како локална самоуправа, најостро осудуваме било каква форма на коруптивно однесување и бараме од надлежните органи што побрзо да го расчистат случајот“, велат од општината, додавајќи дека „секогаш работеле во интерес на граѓаните, подобрувајќи ги општинските услуги и условите за живот преку реализација на значајни капитални проекти“.
„Ваквите индивидуални чинови на дејствување не ги поддржуваме и не сакаме никаков сомнеж за корупција да остане нерасчистен. Целосно им стоиме на располагање на надлежните органи за расчистување на случајот“, додаваат од Општина Маврово и Ростуше.