На судискиот семинар пред почетокот на пролетниот дел од натпреварувачката сезона во Македонската фудбалска лига (МФЛ), претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, испрати јасна порака до судиите, нагласувајќи дека независноста и непристрасноста во нивната работа се од најголемо значење.
„Никој не смее да ви прави притисок. Мојот телефон воопшто не е тајна, сите може да го добиете на многу лесен начин. Било кој и да ви прави притисок или било какви манипулации во мое име, во туѓо име или било какво, можете слободно да ми се јавите во секое време“, истакна Омерагиќ.
Овој семинар беше дел од подготовките за судиите пред продолжението на сезоната, со фокус на подобрување на стандардите во судењето и заштита на интегритетот на натпреварите.