Home » Околу две илјади бездомни кучиња во Вардарски регион, наскоро стартува хуманото прифатилиште

Околу две илјади бездомни кучиња во Вардарски регион, наскоро стартува хуманото прифатилиште

by Журнал.мк

Околу две илјади бездомни кучиња од девет општини во Вардарскиот регион ќе бидат хумано третирани во наредниот период во новоизградениот регионален центар во Кавадарци, што се очекува да почне со работа при крајот на овој месец.

Од новоформираното јавно претпријатие – Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство Стационар Шепа Кавадарци за МИА велат дека на тој начин се очекува да се реши долгогодишниот проблем со бездомните кучиња со кој се соочува регионот.

Само во Кавадарци, бројот на бездомни кучиња е над 500, а само околу 13 проценти од нив, засега се соодветно и стручно хумано третирани.

Од Центарот истакнуваат дека тоа е висока популација, која најчесто потекнува од неодговорното сопствеништво.

Со најавените активности, бездомните кучиња хумано ќе се третираат, а се очекува да се спречат и каснувањата на луѓе и пренесувањето на заразни болести.

Во програмата за хуман третман и благосостојба на бездомни животни на подрачјето на општина Кавадарци е објаснет начинот на решавање на проблемот со бездомните кучиња во деветте општини од Вардарски регион, преку воспоставување на систем за контрола на популација на кучиња согласно на законските прописи.

Се нагласуваат и активностите за поттикнување на одговорното сопствеништво, како и неселективното казнување на несовеснитеграѓани.

Од Центарот истакнуваат дека програмата се базира на методата заловување, стерилизирање, вакцинирање и вдомување или враќање, што е востановена како единствена ефикасна стратегија и од страна на Светската здравствена организација.

– Поради порастот на популацијата, за најбрз загарантиран ефект ќе се направи план за масовен хуман третман на бездомните кучиња, во рамки на општината во период од шест до 12 месеци.

Се предвидува дека со 75 проценти стерилизирани или кастрирани единки, процентот на напредок на популацијата станува нула проценти, по што бројот на бездомни кучиња природно почнува да опаѓа, велат од Центарот.

Оттаму појаснуваат дека престојот на кучињата во прифатилиштето нема да биде подолго од 30 дена.

Финансирањето е од страна на општините Кавадарци, Неготино, Велес, Свети Николе, Чашка, Демир Капија, Градско, Лозово и Росоман, како и од донации.

Целосната финансиска конструкција на проектот изнесува 14. 892,319 денари. Дел од средствата во висина од 5,119. 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а 9,772.

933 денари од Министерство за локална самоуправа.

Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштето на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства, за оперативни трошоци за работење на Центарот.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев во март при посетата на тогашниот министер за локална самоуправа Ристо Пенов, рече дека капацитетот на објектот е околу 60 кучиња и има услови за згрижување по сите стандарди.

– Секое куче бездомник ќе биде згрижено, чипирано, кастрирано и социјализирано, изјави тогаш Јанчев. Локацијата на објектот наменет за деветте општини, е во населбата Глишиќ.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk