Предвидено е со доделените средства да се реализираат 30 проекти. Од програмата заштита на недвижно културно наследство се доделени 10.580.000 денари, од музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство 1.311.500 денари, а од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн доделени се 340.000 денари и тоа за проектите „Антологија 3“, „Остров на осаменост “ – Мирко Вујисиќ , Лидија Вујисиќ и Сашо Блажески и за Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн. 22.000 денари се доделени за членство во Европската мрежа за туризам имаркетинг на градови со тврдини и активно учество во проектот „Европскиот културен пат на утврдени споменици“ – „FORTE CULTURA“ за 2022 година.
Најголем дел од буџетските средства ќе бидат потрошени на изведување работи за непосредна заштита при реализација на конзерваторско – реставраторски работи на објекти, доистражување на просторот од Самоиловата тврдина и локалитетот Плаошник, како и изработка на проекти за конзервација, потоа тековно одржување на локалитетите, музеите и предметите во збирките, доопремување на конзерваторските лаборатории и на музејските поставки, поставување биста на Христо Узунов, откуп на етнолошки предмет-виолината на Климе Садило.
Покрај финансиите од ресорното министерство, Завод и Музеј Охрид има и сопствени приходи од продажба на влезници во локалитетите што се во надлежност на установата.
Во текот на 2021 година, музеите и локалитетите на НУ Завод и Музеј – Охрид ги посетиле вкупно 98.812 домашни и странски посетители, најголем број посети е забележан во „Музејот на вода“ кај Градиште и на Самоиловата тврдина (Крај)