Откако Општина Тетово го објави списокот на лицата кои добивале хонорар од општината (811 договори за дело со 544 лица), општинските служби установиле дека 244 лица не испратиле извештај за сработеното, како што било предвиидено во договорите, и ќе мора да ги вратат парите.
Градоначалникот на Тетово Билал Касами веднаш по преземањето на функцијата најави дека ќе ги преиспита сите договори за дело кои ги направила претходната власт.
„Станува збор за вкупно 544 лица, од кои 250 лица донеле извештај за сработеното согласно договорите, додека 244 лица немаат донесено извештај. Буџетот на Општината е оштетен за над 7 милиони денари. Вреди да се напомене дека на лицата кои донеле извештај за сработеното, согласно нивниот договор, ќе им бидат исплатени сите преостанати плати кои не беа исплатени како резултат на увидот за овој законски прекршок на претходната власт. На оние пак, кои не испратиле извештај за сработеното, ќе им биде испратено известувањето за враќање на добиените средства од нивните договори во буџетот на Општина Тетово. Во спротивно, ќе се соочат со кривични пријави“, се вели во соопштението од Општина Тетово.
Од општината најавуваат дека сите договори на дело склучени од ова општинско раководство ќе бидат објавувани на официјалната веб-страница на општината.
На списокот на хонорарци на претходната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи се семејство на музичари, сопственици на портали, поранешни партиски функционери на ДУИ, пејачи, луѓе што со месеци живееле во странство, во Германија, а во Тетово примале хонорари.