Мобилни тимови од психијатри да се стават на располагање за семејствата од Кочани. Овој апел го испрати денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче до министерот за здравство, Арбен Таравари. Блиските на повредените, но и на загинатите сега имаат потреба од поддршка, вели тој.
Разговарал со колегите доктори, уверува дека пациентите се одлично згрижени. Дополнително, повика на единство, без да се политизира процесот.
„Од тие тимови од Клиниката за психијатрија и од другите институции да бидат на располагање на семејствата во Кочани, да се разговара посебно во пресрет на тоа што таму сега ќе следува. Мислам дека таква помош е многу потребна“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Претседателот на СДСМ повика никој да не биде поштеден, ниту актуелни, ниту поранешни функционери и службеници.
„Ние сме денеска едно рането општество. Довербата во институциите е срозена и ако сакаме таа доверба да ја вратиме мора да има целосно транспарентна и објективна истрага. Никој не смее да биде поштеден, ниту актуелни, ниту поранешни функционери и службеници. И тоа не е политика, тоа е прашање на вистина и на правда“, додаде лидерот на опозициската партија.
Во иста насока денеска одеше и изјавата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој оцени дека некој сега се обидува зад политизација да се затскрие криминалот од минатото. Кој сака и од каква сака нека биде етничка припадност и политичка партија, дозволил „масовно убиство“ за мито.
Мицкоски им возврати на ДУИ, кои доцна вечерта одржаа прес-конференција во одбрана на поранешниот министер за економија од нивните редови, Крешник Бектеши.
„Да им одговорам на оние што прават полноќни прес-конференции. Тука нема политика. Ќе одговарате сите коишто сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на животите коишто овие деца ги изгубија. И нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политикантство коешто вчера се обидоа со тие полноќни прес-конференции. Од дома за уши ќе ги вадиме, ова треба да го знаат“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Интегративците денеска кажаа дека во следните денови ќе изнесат документација и докази за тоа кој и како дозволил да се случи трагедијата во Кочани и најавија пријава до обвинителството. Според Арбер Адеми од ДУИ, тврдењата дека некој од Министерството за економија издал лажна лиценца се целосна конструкција.
Тимот од обвинители сè уште прибира докази за вештачење, за да се утврдат причините за пожарот во Кочани.
А, од ОЈО уште доцна синоќа порачаа – криминалот, корупцијата и митото, доведуваат до околностите кои го завија целиот град, но и целата држава во црно.