Home » Од повици да не се седи дома, до тоа граѓаните да ја преземат контролата во свои раце: Упадот во Капитол Хил пред три години сличен со 27 април

Од повици да не се седи дома, до тоа граѓаните да ја преземат контролата во свои раце: Упадот во Капитол Хил пред три години сличен со 27 април

by Журнал

Нападот на домот на демократијата во САД се случи по повеќемесечно креирање на атмосфера за наводна изборна кражба од страна на експретседателот Доналд Трамп, а на денот на упадот, тој одржа и говор со кој ги охрабри неговите поддржувачи да го направат финалниот чекор, физички да упаднат во Капитол хил. Тој ги повика поддржувачите дека ќе се борат како пекол – „Се бориме како пекол и ако не се бориш како пекол, нема да имаш веќе држава“.

Ваквата разврска на настаните неверојатно многу наликува на ситуацијата во 2017 година во земјава, кога откако експремиерот Зоран Заев собра 67 пратенички потписи и најави дека ќе бара мандат за формирање влада, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју го повика „својот народ“ да не се ди дома по папучи. Веќе следниот ден започнаа протестите на т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“, чија кулминација беше насилниот упад во Собранието и нападот на македонските пратеници на 27 април.

И во Вашингтон и во Скопје демонстрантите влегоа во претставничките домови да вршат насилство, да кршат, да дивеат и тепаат избрани пратеници и конгресмени поттикнати од нивните партиски лидери, кои во тие моменти ги немаше никаде.

На Трамп му беа потребни три часа за да излезе и да ги повика насилниците да се повлечат и да останат мирни, додека Груевски во тие моменти, како и во сите кризни моменти додека ја имаше власта, не беше во земјава. Тој дури во раните утрински часови одржа прес-конференција од Белата палата во која кажа дека го осудува насилството и повика институциите да ги откријат сите виновници, да обезбедат докази и да ги остудат сите кои нанеле повреди на пратениците, граѓаните и полицајците.

Дополнителните сличности меѓу двата настани следуваат и потоа. Откако институциите ги открија виновниците, обезбедија докази и започнаа процеси за осуда на сите кои нанеле повреди на пратениците, граѓаните, полицајците, но и на демократските процеси во двете земји, партиските лидери ја менуваат позицијата и бараат запирање на сите процеси против насилниците и нивно ослободување.

ВМРО-ДПМНЕ насилниците од 27 април започна да ги вика „уставобранители“ и луѓе кои си ја сакале татковината и со години бараше нивно ослободување од како што го нарекуваа политички прогон. Врз основа на страдањето на осудените за 27 април, кои поради пропагадата на ВМРО-ДПМНЕ решија да удрат врз демократските институции, оваа партија градеше рејтинг неколку години.

Ситуацијата е слична и во САД, каде што во пресрет на изборите оваа година, експретседателот Трамп, кој се надева на повторен избор, во својата кампања ги споменува „политичките затвореници“ кои упаднаа на 6 јануари во Капитол хил и најавува нивно ослободување штом дојде на власт.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More