Home » Очајното посегнување по македонската историја е перење од сопственото минато!

Очајното посегнување по македонската историја е перење од сопственото минато!

by Журнал

Бугарија ги исече и ги отфрли паметниците за оние што им ја изградија државата
Исечените парчиња од фигурите на Споменикот на советската армија што беше демонтиран од центарот на Софија завршија фрлени во калта на една полјана во близината на софиското село Лозен, што говори за односот на актуелните бугарски власти кон сопствената историја, која очигледно сега не е компатибилна со новите трендови. Тие сакаат непосакуваниот дел од својата историја да го ретушираат (или, како во случајов, да заврши на некое буниште), додека безобѕирно се обидуваат да ја присвојат македонската историја.

Како Софија сака да направи пополнување
на дупките во бугарската историја

Токму присвојувањето на македонската историја им е потребно за да ги пополнат дупките во историските периоди во кои Бугарија била на погрешната страна на историјата, а случајот со демонтажата на Споменикот на советската армија е најдобрата потврда како официјална Софија сака од бугарската колективна меморија да го избрише влијанието што Русија го имаше врз создавањето на бугарската држава.
Голем број бугарски интелектуалци реагираат на ваквиот историски инженеринг, со јасна констатација дека Бугарија мора да биде свесна и за сопствените темни петна од историјата, а не да ги брише така што ќе ги парчосува спомениците и тие ќе завршуваат фрлени во калта на градските периферии, со надеж дека брзо ќе бидат украдени и разнесени од нелегалните трговците со метали.
– Бугарија се обидува да започне процес на декомунизација, но не направи ниту чекор во насока на деживкоизација на општеството. Наместо спомениците, потребно е да се разглоби системот, кој и натаму ја негира улогата на Бугарија во Втората светска војна и тие епизоди сега се заменуваат со некои нови наративи, кои, за жал, нашата историографија ги присвојува така што го иззема историскиот контекст на одредени настани и изјави. Така не се гради сопствена историја, уште помалку нашиот историски наратив треба да му се наметнува на некој друг – е ставот на некои бугарски интелектуалци околу демонтажата на спомениците во нивната земја.
Крајно лицемерно е Бугарија да бара од Македонија почитување на некаква „заедничката историја“, а од друга страна бугарските власти радикално да расчистуваат со заедничката историја со Русија од времето на советската ера, отстранувајќи ги сите споменици што потсетуваат на комунистичкото време и да ги фрлаат наоколу во калта.
Отстранувањето на споменикот во Софија јасно кажува дека Бугарија сака да гради сопствен историски наратив, без товарот на некаква заедничка историја со Русија, кој очигледно ѝ станува сè потежок во актуелните околности по руската агресија врз Украина.
Но, од друга страна, истовремено додека Бугарија сака да се ослободи од заедничката историја со Русија, се обидува преку наметнување заедничка историја со Македонија да се испере од темните петна во сопствената историја и на тој начин да не биде посочена како земја што постојано била на погрешната страна на историјата. Тука треба да се бараат причините за жестокото инсистирање на Софија на историските прашања кога станува збор за односите со Македонија, како и за интервенциите во македонските историски учебници, за да се создаде база врз која ќе се гради новиот бугарски историски наратив ослободен од фашистичкото минато и од сателитскиот однос кон Русија во времето на советската ера.

Бугарите настојуваат да си направат историски инженеринг: ниту биле на страната на фашизмот ниту со Русите?!

– Отстранувањето на споменикот на советските војници во Софија е само продолжување на она што навистина сакаат да го направат Бугарите. Некаде во 90-тите години на минатиот век, сите оние што беа осудени од Народниот суд во Бугарија во 1945 година, дел од нив стрелани, дел затворени, беа претставени како жртви на комунизмот. Уште тогаш е почнат тој процес. Бугарите самите да се рехабилитираат дека тие не биле ниту фашисти ниту нацисти, туку се само жртви на комунизмот. Сакаат да претстават дека во Бугарија всушност имало идеолошка борба каде што едните биле на страната на комунизмот, другите на страната на фашизмот и се бореле меѓу себе. И сега во Бугарија има споменик на кој се напишани имињата на сите оние што во текот на Втората светска војна раководеле со Бугарија, меѓу нив се имињата на цар Борис, на Габровски, на Александар Белев и сите други што учествувале врз геноцидот на Евреите. Тие на тој споменик се посочени како жртви на комунизмот, дека не биле фашисти – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, основната интенција на сите овие чекори што ги презема Бугарија е да покажат дека самите изградиле држава, без ничија помош.
– Бугарите настојуваат да си направат инженеринг со кој ќе покажат дека тие ниту биле на страната на фашизмот ниту Русите им помогнале во формирањето на бугарската држава, дека тие самите го направиле тоа, едноставно настојуваат пред идните генерации да покажат дека тие самите го направиле сето тоа, дека никој не им помогнал. Тоа веќе преминува и во комплекс. Кога во училиштата децата ви учат дека вие не сте ја формирале државата туку дека ви ја формирале некои други, тоа во колективната меморија кај тие ученици создава впечаток дека Бугарите не создале самите држава, туку им ја дал некој друг. Едно востание имаат, априлско, кое и самите не знаат колку траело, па затоа посегнуваат по македонскиот дел од историјата бидејќи немаат своја – истакнува Чепреганов.
Негово мислење е дека колку и да се трудат да ја избришат историјата, таа не може никогаш да се избрише.
– Бугарите сакаат да си направат своја приказна како ја формирале државата, но што и да прават, не можат да избегаат од сопствената историја. Тоа е запишано и ќе остане запишано засекогаш. Па доволен е податокот дека имаат над 400 руски споменици на своја територија што се однесуваат на руски личности и настани. Апсурдно е на своја територија да имаш толку туѓи споменици, а да зборуваш дека сам си направил држава. Тие споменици говорат кој ја создавал бугарската држава – потенцира професорот Чепреганов.
Понатаму тој се осврнува и на причините зошто Бугарите толку жестоко инсистираат на заедничката историја со Македонија, а ја бришат онаа со Русија.
– Бугарите го чувствуваат тој комплекс од сопствената историја и затоа и нас нè тераат да влеземе во таа шема на заедничка историја. Ако влеземе во нивната игра, тие ќе можат слободно да пишуваат дека Гоце Делчев е Бугарин и дека ние го прифаќаме тоа, дека оваа територија се борела за приклучување кон Бугарија, со што им даваме одврзани раце за да си напишат нова историја. Тоа е нов инженеринг за креирање нова историја, едноставно си прават сопствена ревизија на историјата и гледаат и нас да нè вметнат во таа ревизија што ја прават. Тоа е тотално ненормална работа, да избришете дел од сопствената историја, без оглед каква и да била. Можеби има нешто што и нам не ни се допаѓа од нашата историја, но тоа не е причина да ја бришеме или менуваме. Што и да прави, Бугарија не може да избега од сопствената историја, таа не се брише како со молив со гумичка и со тргање споменици – заклучува Чепреганов, дообјаснувајќи дека во Бугарија има сериозен број интелектуалци што се противат на историскиот ревизионизам и кои сметаат дека земјата мора да ги прифати историските факти, онакви какви што останале забележани во историјата без ничии интервенции.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More