Основното јавно обвинителство Скопје и МВР на барање на белгиските истражни органи изврши претреси на две локации во Скопје, по убиство на жена во Белгија во кое се поврзани двајца македонски државјани.
Како што велат од Обвинителството, целта е обезбедување докази за убиство од користољубие. Едниот македонски државјанин веќе се наоѓа во притвор во Белгија и очекува судење. Белгискиот истражен судија по акцијата се обезбедени докази важни за постапката пред белгискиот суд.
Убиството било извршено во Остенде откако на 21 март било пронајдено безживотно тело на жена фрлено во близина на граничниот појас меѓу Белгија и Холандија.
„Како дел од истрагата за вклученост на вториот македонски државјанин, белгискиот истражен судија побара од Основното јавно обвинителство Скопје да преземе повеќе истражни дејствија. Врз основа на обезбедени наредби од Основниот кривичен суд Скопје, беа извршени и претреси на две локации во Скопје. Јавен обвинител и истражниот центар на скопското обвинителство, како и повеќемина припадници на Министерството за внатрешни работи ги реализираа сите активности согласно барањето за меѓународна правна помош.
Од белгиска страна, при спроведувањето на истражните дејствија во Скопје, беа присутни истражен судија, јавен обвинител и претставници на белгиската федерална полиција, кои исклучително високо ја оценија соработката со македонските истражни органи“, соопшти ОЈО Скопје.