Обвнителката Ленче Ристоска e задоволна што Уставниот суд прифатил да ја прекине праксата за самооценување во Советот на јавни обвинители. Вели, незаконски е неговите членови да напредуваат во кариерата преку поволност која сами си ја доделиле.
„Задоволна сум што Уставниот суд ги прифати моите аргументи и одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одредба. Сметам дека како носител на јавна функција чиј приоритет е заштита на јавниот интерес, имам обврска да придонесам за доследно почитување и примена на принципот на владеење на правото, а поднесената иницијатива беше токму во оваа насока“, вели за Сител, Ленче Ристоска, јавен обвинител.
Од Советот на јавни обвинители не ја коментираат одлуката на Уставен. Претседателката Душица Димитриеска, во телефонски разговор објаснува дека кончената одлука на судот е обврзувачка. Потсетува и на начинот на кој бил донесен деловникот кој овозможил позитивно оценување за членовите на Советот.
„Деловникот за работа во кој мандатот на членовите се смета за позитивно оценет јавноообвинителски стаж, беше донесен во 2020 година низ процес на широка дебата, во неговата изработка беше вклучен и меѓународниот фактор. Каква и да биде одлуката на Уставниот суд, ние ќе ја почитуваме“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.
Уставен вчера одлучи дека обвинителите кои се членови на советот не може да бидат позитивно оценувани бидејќи во тој период тие не ја извршувале јавнообвинителската служба.
Но, во меѓувреме, на двајца претходни членови заради позитивното самооценување, кариерата им тргна во нагорна линија.
Од основни јавни обвинители, Фарик Арслани и Антонио Јолевски, добија унапредување во вишите обвинителства во Битола и Гостивар.