Откако Израел ја започна својата операција во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври, повеќе од 70 отсто од станбените единици се уништени, од кои многу беа оштетени во претходните конфликти. Покрај палестинските домови, уништени се и многу трговски објекти и болници, пренесува „Блумберг“.
Повеќето од 2,2 милиони жители на Газа се раселени и, според хуманитарните агенции, тие главно се отсечени од свежа вода и храна, како и лекови и основни санитарни услови.
Повеќе од 40.000 луѓе се убиени во израелските напади, според Министерството за здравство на Хамас, кое вообичаено не прави разлика меѓу цивили и борци.
Обемот на уништувањето значи дека, додека преговорите за прекин на огнот продолжија во четвртокот во Доха, паралелно на највисоко ниво се разговара и за процесот на реконструкција.
Досега израелските воздушни напади оставија повеќе од 42 милиони тони отпад низ Газа, соопштија Обединетите нации.
Тоа е, како што сликовито објаснува Блумберг, „доволно урнатини за да се наполни линијата камиони што се протега од Њујорк до Сингапур“.
Отстранувањето на сето тоа би можело да потрае со години и да чини дури 700 милиони долари.
А расчистувањето, како што велат, дополнително ќе го комплицираат неексплодираните бомби, опасните загадувачи и човечките остатоци под урнатините.
Само од Кан Јунис ќе треба да се отстранат најмалку 8,5 милиони тони отпад.
Реконструкцијата на Газа и животот во неа ќе бара целосна ревизија на целата физичка инфраструктура на енклавата и некаков облик на политичко решение за тоа како ќе функционира новата Газа, пренесува RT Balkan.
Сепак, пред да се случи нешто од тоа, собирањето и отстранувањето на урнатините по завршувањето на војната ќе биде од најголема важност, пишува „Блумберг“.