Двете полуфинални вечери на годинашното издание на Изборот за песна на Евровизија се завршени, а публиката низ Европа и светот со нетрпение го очекува големото финале, кое ќе се одржи утре (17 мај), со почеток во 21 часот.
Организаторите го објавија распоредот за изведување на песните во финалната вечер на официјалниот инстаграм-профил на музичкиот натпревар.
Вечерта ќе ја отвори норвешкиот претставник Кајл Алесандро со песната „Lighter“, а последни ќе настапат музичкото дуо „Шкодра електроник“ со песната „Zjerm“.
Во моментов, Шведска важи за најголем фаворит, со 42 отсто шанса за победа на обложувалниците. Шведските претставници „КАЈ“ со песната „Bara bada bastu“ ќе настапат со реден број 23.
Да потсетиме, во конкуренција за најдобра песна на Европа ќе се натпреваруваат 26 земји.
