Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Ноќеска по полноќ на улицата “Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја. Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото, соопшти обвинителството.
Откривајќи повеќе детали за грозоморниот обид за убиство, обвинителството нагласува дека насилникот продолжил да ја удира жртвата и кога полицијата пристигнала на самото место.
– Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија, соопшти ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор бидејќи „постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело“.