Во новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски дефинитивно ќе нема министерство за помалите коалициски партнери, освен актуелното за локална самоуправа со кое раководи Горан Милевски од ЛДП, дознава „Слободен печат“. Според наши информации, откако НСДП одбила за ресорот труд и социјала да ја номинира пратеничката Соња Мираковска, Ковачевски пресекол дека и за тоа министерство кандидатот ќе биде од СДСМ, односно дека ќе нема прераспределба на ресори за помалите партии.
Неофицијално, Ковачевски инсистирал токму Мираковска да го предводи ресорот труд и социјала, но ова било неприфатливо за НСДП, бидејќи со тоа партијата во Собранието ќе остане само со еден пратеник, бидејќи следниот на листата по Мираковска е од редовите на СДСМ. Ставот на партијата бил дека не би жртвувале пратеничко место за министерска функција и ова според наши информации, Тито Петковски му го соопштил на Ковачевски.