Укинат полицискиот час во Дамаск. Животот на Сиријците полека се враќа во нормала. Дел од продавниците отворени, улиците полни. Купувачите се измешаа меѓу шарените, стари продавници за зачини на познатиот пазар Бузурије.
„Можете да видите дека насмевките на луѓето сега се разликуваат од порано. Фала му на Бога, Дамаск и Сирија се вратија на она што беа некогаш“, рече Бакри Бакдаш, трговец.
На јавните плоштади луѓето сè уште слават. Верниците ја исполнија џамијата Умајад.
„Продолживме да работиме веднаш по соборувањето на поранешниот режим и видовме голем број посетители на џамијата Умајад, нешто што не сме го виделе уште пред 2011 година“, изјави Исам Сукар, надзорник на џамијата Умајад.
Почна обновата и на патиштата. Новите власти во обид да ја подигнат Сирија на нозе по 14-годишната граѓанска војна. Меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата.
„Гледаме знаци на надеж кои доаѓаат од крајот на сириската диктатура. ОН се целосно посветени за непречена транзиција на власта со инклузивен политички процес во кој целосно ќе се почитуваат правата на сите малцинства кој ќе го отвори патот кон обединета, суверена Сирија“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Сепак, неизвесноста и натаму присутна. Недостигот од храна и лекови останува пречка. Продолжија и израелските напади врз воените цели низ земјата. Тел Авив ги отфрли обвинувањата на Иран за вмешаност во соборувањето на Асад.
„Хамнеи треба да се обвини себеси што зел стотици милијарди долари од парите на иранскиот народ и ги инвестирал во Сирија, Либан и во Газа за да ги удвои краците на октоподот што го предводи во обид да ја совлада државата Израел“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
И водачот на бунтовниците потврди дека ја повратиле земјата без поддршка од странство.
„Бевме послаби од непријателот, но оружјето со кое се боревме беше локално произведено. Вложивме големи напори да го набавиме, па дури и парите дојдоа од нашите напори, немаше ниту една земја што не поддржа“, изјави Ахмад ал-Шара, водач на бунтовничката група Хајат Тахрир Ал-Шам.
Американскиот секретар Блинкен повторно во посета на кревкиот регион на разговори за случувањата во Сирија, Израел, Газа и Либан. По Блискиот Исток заминува за Турција.