Home » Новиот претседател на Уставниот суд најави оживување на судскиот активизам и враќање на довербата во правна држава

Новиот претседател на Уставниот суд најави оживување на судскиот активизам и враќање на довербата во правна држава

by Журнал.мк

Судскиот активизам, додаде тој, односно оживување на една наша атрофирана функција поведување на постапки по сопствена иницијатива, исто така ќе биде високо на мојата агенда

Судскиот активизам, враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и во правната држава, внесување на науката во Уставниот суд, како и бескомпромисност во обидите за политички и какви било други влијанија врз Судот или врз уставните судии, ќе бидат главни приоритети на новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

– Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност тогаш јасно е дека довербата на граѓаните во институциите на системот, довербата на граѓаните во правната држава е на историско најниско ниво. Затоа, сосема природно за мене како претседател на Уставниот суд е приоритет над сите приоритети да биде враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и враќањето на довербата во правната држава, којашто е на историско најниско ниво, рече Костадиновски на прес-конференција, по брифингот за новинарите.

Како што нагласи, за остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори односно предизвици – прв е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд.

– Втор ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за какви било политички и од каква било друга природа влијанија врз Судот или врз уставните судии. Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда, рече тој.

Судскиот активизам, додаде тој, односно оживување на една наша атрофирана функција поведување на постапки по сопствена иницијатива, исто така ќе биде високо на мојата агенда.

Како предизвик ја спомена и транспарентноста и отвореноста на Судот, што ќе продолжи по највисоките стандарди, најавувајќи дека во неговиот мандат ќе биде поинтензивна соработката и поголема присутност на науката во Уставниот суд.

– За поинтензивна работа со науката, како судии имаме важни уставно-правни и теми и дилеми и често имаме спротивставени мислења. Секогаш сум сметал дека ќе биде корисно ако ја викнеме струката и науката на помош, вели тој.

Во однос на првиот предизвик, вели, кажав дека од 1991 до донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, Уставниот суд останува најнереформираната институција во системот во поглед на правната рамка од каде ги црпи надлежностите.

– Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од актот на Судот. Но, се поставува прашањето, дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува и прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла, во наредниот период со сите релевантни фактори и чинители во општеството, ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот, со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд, вели Костадиновски.

Во однос на бескомпромисноста на политички или какви било други влијанија, нагласи, јавно кажувам дека сум и ќе останам лојален само на Уставот и на никој друг.

– Во однос на судскиот активизам, откако сум јас судија овој суд имаше сериозни предизвици, особено во бројот на судии со кои работевме. Денес Уставниот суд е комплетен, со што се исполнети околностите и сите претпоставки за оживување на таа атрофирана функција на Судот. По сопствена иницијатива да се вклучиме во заштитата на правната држава. На правната сигурност и на владеењето на правото. Ќе направам сè што е во моја моќ овој судски активизам да биде што е можно поприсутен, потенцира Костадиновски.

Најави и пренесување на седниците на Уставниот суд во живо, со цел подарување на транспарентноста и отвореноста кон јавноста.

На новинарско прашање дали по сопствена иницијатива ќе го отвори предметот за држењето две функции или дилемата за уставноста на заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, тој вели дека во овој момент не може да каже кој предмет ќе биде инициран.

– Кажав дека во наредниот период можете да очекувате судски активизам, не можам сега во овој момент да кажам тој или тој предмет, но бидете уверени дека без разлика дали овие два или кој било други што ќе наидат на интерес на јавноста или ќе пробудат сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите, затоа што не само јас туку и другите судии можат да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам. Што е уставно, а што неуставно не кажува претседателот на судот, туку судот со мнозинство гласови. Не можам да прејудицирам нешто што не е пред мене на маса, затоа што тоа е дел од уставните правила и од најдобрите уставни обичаи, заклучи Костадиновски.

Судијата Дарко Костадиновски беше избран за нов претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија на 4 јуни годинава, откако претходно Уставниот суд во повеќе обиди не успеа да избере наследник на Добрила Кацарска, чиј мандат заврши на 2 јуни. Седницата за избор на претседател почна на 30 мај. Претходно потребното мнозинство не го добија судијката Ана Павловска-Данева, нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева и судијата Осман Кадриу.

Костадиновски е избран за судија во Уставниот суд на 11 јануари 2018 година.

Во 2008 година станува магистер на правни науки, а во 2012 година и доктор на правни науки. Магистрира на темата „Меѓународната арбитража во современите меѓународно политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)“, а докторира на темата „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот“. Од 2001 година до јануари 2018 година, работи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика, и Раководител на одделението за ЕУ и НАТО.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More