Home » Нови учебници за седмо одделение ни на повидок, од 1 септември ќе се учи од старите

Нови учебници за седмо одделение ни на повидок, од 1 септември ќе се учи од старите

by Журнал.мк

Според министерката за образование и наука, учебници за седмо одделение по новата програма ќе нема бидејќи според информациите со кои таа располага ниеден учебник не е пратен на печатење, а за некои не е завршена ни процедурата на одобрување, односно не се напишани или не е помината рецензија.

Уште првиот ден кога влегов во Министерството за образование и наука, прва задача ми беше да видам што се случува со учебниците. Иако имаше информации дека сè е во ред, за жал, тоа не беше така, открива министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Проблемот, вели Јаневска, се јавува кај учебниците за седмо одделение, додека останатите веќе се дистрибуираат.

„За седмо одделение нема да печатат ниту еден единствен учебник, ниту еден не е предаден за печат, а колку што разбрав, за одреден број учебници процедурата не е завршена, некои не се напишани, кај некои не е помината рецензијата, не е поминато ниту во БРО, ниту во национална комисија, што значи дека апсолутно никаква, ни минимална шанса нема да се стигне, ниту за еден учебник до 1 септември“, рече Јаневска.

Министерката ќе го решава проблемот со користење учебници од старата програма, откако разговарала со стручни лица од Бирото за развој на образованието кои потврдиле дека постои компатибилност на старата и новата програма. Добила и уверување дека децата нема да имаат никаква штета доколку во седмо одделение продолжат да учат по старата програма, со тоа што, како што вели, можеби ќе треба да се доработат одредени теми кои ги немало претходно.

„Во овој момент продолжуваме да разговараме за тоа дали ќе може да се премине во следното одделение, со оглед на таа мала разлика која ја има во новата програма во однос на старата. Децата од септември ќе учат со овие учебници со кои учеле децата оваа година, односно по стара програма. Тие ќе ги добијат тие учебници. Доколку навистина одлучиме дека има потреба некои теми да се вклучат, а ги нема, Бирото ќе изработи материјали“, кажа министерката за образование и наука.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More