Google го менува дизајнот на Gemini и воведува повеќе опции директно под полето за внесување текст
Google постепено воведува редизајнирано поле за внесување на упити (prompt bar) во својата апликација Gemini на Android и iOS уредите, следејќи ги претходните промени направени во веб-верзијата.
Новиот дизајн го заменува досегашното елипсовидно поле за внес со правоаголно поле со заоблени агли, дури и пред корисникот да почне да внесува текст. Под полето „Прашај го Gemini“ сега се наоѓа редица со опции, почнувајќи од мени со знак плус, кое сега е значително пократко и ги вклучува: Камера, Галерија, Датотеки и Drive опции.
Дополнително, се појавуваат копчиња во форма на „пилули“ за следните функции:
- Research – за длабински истражувања и извештаи
- Canvas – за креирање документи и програмски код
- Video (Veo) – за генерирање видео-содржини со помош на Veo 2 моделот
Со клик на иконата со три точки во круг, овие ставки се прикажуваат како листа со кратки описи. Активираните функции остануваат визуелно означени по притискањето.
Промена во изборот на Gemini модел
Во селекторот за модели, опциите Deep Research и Veo 2 се отстранети за корисниците на напредната верзија (Advanced), бидејќи сега се третираат како стандардни функции на Gemini, а не како посебни модели. Новиот избор вклучува четири достапни модели:
- 2.0 Flash – брз, општ асистент
- 2.5 Flash (preview) – нов брз модел за резонирање
- 2.5 Pro (preview) – за посложени задачи, вклучувајќи математика и програмирање
- Personalization (preview) – персонализиран модел базиран на историјата на пребарување на корисникот
Покрај полето за внесување и понатаму се присутни и микрофонот за гласовен внес и копчето за Gemini Live, што го заокружува новиот дизајн кој повеќе наликува на веб-верзијата и овозможува полесен пристап до дополнителните функции.
Редизајнираното поле за внес веќе може да се види во Android апликацијата Gemini (верзија Google апликација 16.18, финална и бета), а почнува да се појавува и на iPhone и iPad уреди, каде што се користи стандарниот iOS систем за мени, пишува 9to5Google.