Home » Новата подваријанта на омикрон е откриена во 40 држави, научниците со нови сознанија

Новата подваријанта на омикрон е откриена во 40 држави, научниците со нови сознанија

by Журнал.мк

Заразил најмалку 400 луѓе во Велика Британија во првите десет дена од јануари. А неговото постоење е веќе докажано во повеќе од 40 земји, пишува Дојче веле.

Во списокот ПАНГО се наведува дека 79 отсто од досега докажаните инфекции со овој сој се потврдени во Данска. Следуваат Обединетото Кралство (6%), Индија (5%), Шведска (2%) и Сингапур (2%). Сепак, треба да се забележи дека откривањето на овој подвид на вирусот зависи од способностите за секвенционирање на PCR тестовите во одделни земји.

Брзото ширење на овој подвид сугерира дека тој би можел да биде уште позаразен од првата варијанта на сојот омикрон BA.1. Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) го рангира BA.2 меѓу „забележителни видови“.

„Во природата на вирусите е да се размножуваат и мутираат“, рече Мера Чанд, директорка на Британската здравствена агенција. „Значи, може да се очекува дека ќе има повеќе соеви за време на пандемијата“.

Бидејќи здравствените установи ја истражуваат генетската структура на вирусот, можно е да се идентификуваат нови соеви и да се процени колку се опасни новите мутации. Сè уште е во тек анализата на подвидот BA.2. „Сè уште нема убедливи докази дека BA.2 предизвикува потежок тек на болеста од BA.1“, вели Чанд.

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид додава дека појавата на нов сој покажува колку е важна вакцинацијата. Ги охрабрувам сите да се заштитат себеси и своите најблиски и сега да земаат засилена доза. Францускиот епидемиолог Антоан Флахо изјави за француската новинска агенција АФП: „Она што не изненадува е брзината со која овој подвид, кој широко циркулира во Азија, се прошири во Данска“.

Досега, инфекциите од подтипот BA.2 немале потежок тек од подтипот BA.1. Францускиот министер за здравство Оливие Веран исто така ја разгледува појавата на новиот подвид на сојот омикрон. „Во моментов знаеме дека BA.2 повеќе или помалку одговара на карактеристиките што ги знаеме за омикрон“, рече тој за АФП.

Германскиот виролог Кристијан Дростен од Универзитетската клиника Шарите во Берлин изјави во интервју за германската радио станица Deutschlandfunk дека спојувањето на делтата со еден од подвидовите омикрон може да развие уште поопасен вирус. Омикрон има одредени мутации во површинскиот протеин.

Посебно опасна би можела да биде рекомбинацијата на вирусот што ќе го носи шилестиот протеин омикрон и остатокот од геномот на делтата сојот на коронавирус, рече Дростен. Ова би значело поврзување на најсилните особини на двата соја. „Такво нешто е веќе опишано, па мораме да се плашиме дека такво нешто може да се случи“, рече Дростен.

Неодамна, научник од Кипар пријави нов тип на вирус наречен „делтакрон“, но можно е тоа да е грешка, велат научниците.

Сепак, научниците се убедени дека со адаптирање на вакцините можат да се стави крај на ваквите нови соеви. Германскиот производител на вакцини BioNTech и неговиот американски партнер Pfizer почнаа да спроведуваат клиничка студија за вакцина приспособена на сојот омикрон. Нејзината безбедност, подносливост и ефективност треба да се тестира, велат двете компании.

Студијата опфатила 1420 лица кои биле поделени во три групи. Во првата група спаѓаат оние кои примиле две дози од вакцината пред 90 до 180 дена и кои сега ќе добијат една или две дози од вакцината прилагодена за сојот омикрон. Оваа група вклучува 600 луѓе. Подеднакво голема е и втората група, која ги вклучува оние кои примиле бустер доза, кои ќе примат друга стандардна доза на вакцина или една доза вакцина прилагодена за сојот омикрон.

Третата група вклучува околу 200 невакцинирани лица и оние кои досега немале КОВИД-19. Тие ќе добијат три дози од новата вакцина адаптирана за сојот омикрон.

Европската агенција за лекови (ЕМА) не објави дали смета дека е неопходна вакцина адаптирана за сојот омикрон. Но, BioNTech и Pfizer пред две недели објавија дека почнале да произведуваат вакцина прилагодена за новиот сој на коронавирус. Тие очекуваат да произведат 50 до 100 милиони дози од вакцината до крајот на март или почетокот на април. И BioNTech и Pfizer го проценуваат нивниот производствен капацитет за оваа година на околу четири милијарди дози вакцини.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More