Тоа е традиција во романската марка, привлечна цена и фабрички вграден погон на автогас. Најдостапната изведба на новиот Дастер вози токму во изведбата со погон на автогас. Новата генерација на ѕвезда СУВ-моделот на Дачиа сепак има и други вредности за да ги привлече купувачите.
Во димензиите, Дачиа Дастер останува старата, но во секој друг поглед е сменето сé. Тоа важи посебно за дизајнот, но и за сите подрачја што го донесуваат автомобилскиот напредок. Првата вест секако е цената. На македонскиот пазар, Дастер во новата генерација ќе чини 21.450 евра во најосновната варијанта. Тоа важи за изведбата со погон на автогас, чијшто погон е ист со претходничката, што значи еднолитарски трицилиндарец со моќност од 100 КС при погон на автогас и 91 КС за бензин.
Основната опременост и натаму е Есенцијал, што сега содржи прилично многу опрема, затоа што од јули веќе и не може во Европа да се продава автомобил што не поседува одреден пакет од системи за асистенција за безбедност и комфор. Тоа значи дека уште најосновниот модел доаѓа со систем за задржување во лента, предупредување при опасност од судир поради невнимание, предупредување при пешак или велосипедист пред возилото, темпомат и слични ставки.
На тоа следат уште мануелна клима, електрика и греење за ретровизорите, електрика на предни прозорци, радио, патен компјутер, кровни шини, шест воздушни перници.
Во габаритите, разликата меѓу Дастер од претходната генерација (код СР) и новиот Дастер (ДЈФ) е незначителна: Должина 4,34 метри (+2 милиметри), ширина 1,82 метар (+9 милиметри), висина 1,66 метар (+23 милиметри), меѓуоскино растојание 2,66 метар (-16 милиметри). Растојанието од подлогата е зголемено на 209 милиметри, што е 26 повеќе од порано. Во багажникот има 8 литри повеќе простор, односно 67 литри повеќе со соборена клупа, што посредно укажува дека и на задната клупа може да се очекува поголема просторност. Тежината се зголеми за само 14 килограми во изведбата со погон на автогас.
Потрошувачката при погон на автогас е смалена за 3 децилитри во град (9,2 литри), производителот наведува просек од 8,1 литри. Изборот од погонски варијанти ја отвора гамата на Дастер за широк круг купувачи. Покрај моделот со погон на автогас Еко-Г, на располагање стои верзија со 1,2-литарски турбо со 130 КС и мануелен менувач со 6 степени. Во нивото Експресија, СУВ-моделот чини 24.040 евра во таа погонска изведба. Овој мотор може да се комбинира и со погон на сите тркала, што би значело 28.290 евра. Дизел нема, хибрид има. Тој ја користи новата хибридна изведба, со 1,2-литарецот од Рено Аустрал, место претходната со 1,6-литарец (Клио, Каптур и др). Хибридниот Дастер чини 29.840 евра.
Тоа што Експресија го нуди во опременоста повеќе од Есенцијал е сензор за дожд и автоматски светла, дигитални инструменти од 18 сантиметри, задна камера, сиви ретровизори, тркала од лесен метал од 17 инчи, електрика за задни прозорци, потпирач за раце напред, радио со средишен дисплеј од 25,6 сантиметри, тоа е мошне убедлива опременост.
Уште едно скалило погоре следи Џурни, дополнително со автоматско долго светло, магленки, затемнети задни стакла, тркала од 18 инчи, собирање на ретровизори, автоматика за клима уредот, пристап и стартување без клуч, безжичен полнач, сабвуфер, и цена од 25.350 евра во комбинација со моторот со погон на автогас.
Варијанта со слична опременост како Џурни повторно е Екстрем, каде што повеќе се става нагласок на цврстиот карактер и на теренските својства на СУВ-моделот. Тркалата имаат друг дизајн и формат од 17 инчи, кровните шини се модуларни, навлаките на седиштата се отстранливи, има гумени патосници и препознатливост по капите на ретровизорите во бакарна боја. Цената во тој случај, 25.600 евра за автоплин.
Пазарот вообичаено ја избира Дачиа Дастер во повисоките нивоа на опременост, иако моделот привчно беше замислен да го покрива пазарниот сегмент што првенствено бара најниска цена. Ист е случајот до Сандеро, најпродаваниот автомобил во Европа, што не се купува само во најевтината, туку главно во облагородената изведба Степвеј.
Списокот на дополнителна опрема е релативно скромен – затоа што Дастер веќе има сé: Грејачи во седишта чинат 700 евра во Експресија, камери во 360 степени чинат 800 евра за Џурни и Екстрем, специјалната зелена боја од рекламите чини 700 евра.
Дачиа Дастер ги има најлутите конкуренти, имајќи предвид дека станува збор за најголемиот пазарен сегмент во Европа: Новиот Ситроен Це-3, којшто според гласините ќе стартува со уште пониска цена од Дастер, потоа Фиат 600, Форд Пума, Хјундаи Кона, Џип Авенџер и Ренегејд, Киа Стоник, Опел Кросленд, Пежо 2008, Рено Каптур, Сеат Арона, Шкода Камик, Фолксваген Т-Крос, и тие што секако не смее да се изостават, Фенгон Глори 500 и Џили Кулреј.