Купен во 2018 година, но никогаш не бил пуштен во употреба. Ова е апаратот кој веќе 7 години е во Бирото за метрологија, а служи за проверка дали броилата на струја прават точни пресметки или не. Директорот на Бирото за метрологија за Алсат информира дека овој апарат е функционален, додека нема информации зошто не е пуштен во употреба до сега.
“Овој уред беше наменет, во времето кога беше купен и за жал никогаш не беше пуштен во употреба, да ја потврди точноста на броилата. Доколку некој граѓанин има проблем или се сомнева дека броилото не работи како што треба, отсега, откако ќе биде пуштено во функција, ние како Биро на барање на граѓанинот ќе можеме да провериме дали е точно или не, дали податоците се точни или не”, рече Седат Рушани – директор на Бирото за метрологија.
Меѓутоа, барањето за потврда на точноста на броилата не е бесплатно.
„Доколку податоците по мерењето се покажат како неточни, тогаш ЕВН плаќа. Ако се покаже дека е редовно и мерењата се точни, тогаш си плаќа граѓанинот„, додаде тој.
Информацијата за неработењето на овој апарат првично ја соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска, додека вицепремиерот Изет Меџити предупреди дека ќе се формира независно државно тело кое ќе ги разгледува поплаките од граѓаните. Како што најави директорот Рушани, оваа опрема ќе биде ставена во функција следниот месец. Уредот е исто така предмет на судски процес. Фирмата која тогаш му го продаде на Министерството за економија го тужеше министерството. Истраги има и од Финансиската полиција.
Граѓаните досега своите поплаки можеа да ги упатуваат само до добавувачот, поточно до ЕВН. Претставките главно се однесуваат на паушални и неточни сметки, особено во зимскиот период. Сметката за струја за некои домаќинства достигна и над 400 евра. Откако ќе профункционира, граѓаните ќе можат да се жалат до Бирото за метрологија, додека екипа на ЕВН има задача да го извади броилото и да го испрати на тестирање до Бирото за метрологија. Тестот трае не повеќе од еден час. Додека не се изврши тестирањето, ЕВН ќе има обврска да му постави друго броило на граѓанинот.