Home » Ниту нов клинички центар, ниту спојување на постојниот

Ниту нов клинички центар, ниту спојување на постојниот

by Журнал

Наместо нов клинички центар или барем физичко поврзување на клиниките во постојниот, со топли ходници, граѓаните добија ветувања за административно спојување на универзитетските клиники – ова е решението на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Тоа значи дека пациентите се “осудени” да се лекуваат во стари болници и да лутаат низ здравствените лавиринти, по дожд, снег и сонце.

Дека скопскиот клинички центар е за „ремонт“ алармираат и пациентите и медицинскиот персонал.

Дали Меџити ќе успее да ги спои клиниките во една целина која ќе ја раководат еден или двајца менаџери? Ова беше едно од првите ветувања на министерот по стапувањето на функција пред 10 месеци. Тој се уште стои позади планот, но времето е се пократко.

Дел од докторите се категорични дека рокот до мај, Клинички да функционира по старо како една здравствена установа е многу краток. Според професорот Никола Пановски, пречка ќе биде политичката одлука бидејќи е период на пред избори.

“Ние го погребавме Клиничкиот центар, ако некој од странство дојде да разговара со некого, нема кој да го претстави.Треба да има човек кој е директор на Клинички центар или претседател на управен одбор.Прво самото име, не знаеме како се вика.Некој го вика Кампус Клиники, Мајка Тераза итн.Значи едноставно не постои како таков.Треба да се вика Универзитетски клинички центар и да се знае кој е одоговрен и кој ќе го претставува” изјави професорот Никола Пановски.
Идејата за спојување на Клиничкиот центар ја поддржува и професорот Нико Беќаровски. Но и тој е песимист дека тоа ќе се случи до ветениот рок.

“Непотребните управни одбори повеќе од 30 клиники по пет луѓе, па вторите економски директори кој што реално не го оправдуваат нивното постоење.Така што идејата за спојување на клиниките, нема вработен кој што не ја поддржува. Реално мислам дека веќе нема време затоа што сме пред избори.Но кој и да биде од идната Влада ако сакаме да имаме пристојно здравство, мора да се тргне од клиничкиот центар.И за да има пристојно здавство, мора да има пристоен кадар” – вели професорот Нико Беќаровски,од Клиниката за Токсикологија.
Според експертите, време е да се намалат трошoците за посебни управни одбори и директори на клиниките.

“Мислам дека предолго дозволивме да живееме со премногу директори, премногу мал простор, да се менаџираат дејности кои се практично слични една со друга. Тоа менаџирање може да се направи многу поедноставно, на приципот кога беше организирано пред 2008 година.33 медицински и економски директори, 33 управни одбори , прво тоа е нерационално трошење на средства, затоа што тие пари можат да се пренаменат за друго” изјави доктор Злате Мехмедовиќ, експерт на Меѓународен Институт за здравствени и социјални политики.
Спојување на Клинички најавуваше и Венко Филипче, потоа реорганизација на најголемиот клинички центар како приоритет му беше и на Беким Сали.

Речиси, 14 години сериозни ветувања имаше и за проектот „Нов клинички центар“. Многу министри и предизборни ветувања, физибилити студии, па дури и сечење црвени ленти, но изградбата на нов клинички центар не е ниту на повидок. Капиталниот проект кој што се најавува години наназад останува само на хартија. Згора на се државата ќе плаќа пенали од 8,5 милиони евра – затоа што Филипче го раскина договорот за изградба на Клиничкиот центар.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More