„Не е точно дека нема јавна дебата. Бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со деканот, со раководителите на институтите. Разговаравме и сметам дека дискусијата беше конструктивна. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каква треба да биде концепцијата“, рече министерката за образование.
Ниту еден наставник нема да остане без работа поради новата концепција за реформа во гимназиското образование. Напротив, таа е направена со цел наставниците да бидат повеќе ангажирани, со цел нашите ученици на ПИСА-тестирањата да одат погоре за барем две скалила. Ова денеска го изјави министерката за образование, Весна Јаневска, од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеничката Даниела Николова од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), која се осврна на реакциите на стручната фела за предложената концепција, со која, како што рече, предметите социологија и филозофија стануваат изборни, а етика, логика и педагогија целосно ќе се укинат, што ќе придонесе и многу професори да останат без работа.