Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска учествуваше и се обрати на 17. годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, што се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина.
Како што истакна Николовски, регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа е клучен фактор во политичката стабилност и безбедност, во економската соработка и економскиот развој.
-Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, со поставена јасна цел за членство во Унијата до 2030 година. Преговорите со Европската Унија се веќе почнати, а билатералната средба за поглавјата од кластерот 5 е закажана во текот на овој месец. Како држава пред нас си имаме поставено амбициозни рамки, кои го поддржуваат усогласувањето на земјата со правото на Европската Унија. Во последните години Северна Македонија постигна голем напредок и во голема мера го усогласи своето национално законодавство со европското законодавство. Активно се работи во моментов на повеќе законски и подзаконски акти од областа на земјоделството со цел нивно усогласување со најновиот развој на европската регулатива. Тоа се законските решенија во делот на директни плаќања во земјоделството и руралниот развој. Потоа регулација на заедничкиот пазар, органско производство, земјоделското осигурување, рибарство и аквакултура, а подготвен е нов закон за вино целсоно усогласен со регулативите на Европската Унија, рече Николовски.
Тој ги презентираше резултатите на ИПАРД 2 програмата и се осврна на, како што напомена, успешниот старт на ИПАРД 3.
-Земја лидер сме во искористувањето на средствата од ИПАРД 2 програмата по неколку основи, имаме најголма 100-процентна реализација на програмата, со нула евра поврат на средства и први во регионот ја започнавме реализацијата на новата ИПАРД 3 програма. Нашиот успех со ИПАРД го потврди и Европската Унија зголемувајќи ги за 62% средствата на Европската Унија, со што од 60 за новата ИПАРД 3 програма на располагање имаме 97 милиони евра европски средства. Како држава сме горди што ИПАРД е наша успешна приказна, нагалси во своето обраќање министерот Љупчо Николовски, презентирајќи ги пред колегите министри новостите кои се предвидени во ИПАРД 3 програмата. Една од новите можности која се предвидува со ИПАРД 3 програмата е авансната исплата до 50% од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот. Реализацијата на новата ИПАРД 3 програма стартуваше на 1 септември преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, каде на располагање беа ставени и првите 30 милиони евра, нагласи Николовски.
Министерот зборуваше и за зелената агенда која, според него, е патоказ за одржливо земјоделство, а ја спомна и Иницијативата Отворен Балкан како добар пример за успешна регионална соработка.
-Нашето поврзување беше за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без оганичувања, кој носи подобар живот за сите наши граѓани. И еве ги гледаме веќе резултатите. Трговската размена помеѓу земјите членки на Отворен Балкан достигна 1,1 милијарда евра, што е резултат токму на оваа иницијатива. Интеграцијата наместо дезинтеграција на регионот, слободен и отворен пазар, наместо усложнати процедури, треба да бидат заедничката цел на државите од регионот, подвлече Николовски.