Home » Николоски шеф на дипломатијата, Стоилковиќ за политички систем, Таравари на здравството, ЗНАМ со двајца министри

Николоски шеф на дипломатијата, Стоилковиќ за политички систем, Таравари на здравството, ЗНАМ со двајца министри

by Журнал.мк

Откако викендов се одржаа преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ, а претходно во финиш беа преговорите со коалицијата Вреди, од упатени во преговорите се дознава дека партијата на Максим Димитриевски ќе добие две министерски места, од кои едното ќе биде Министерството за правда. Арбен Таравари ќе го води здравството, а коалицијата Вреди ќе има уште пет министри. ВМРО ќе ги раководи министерствата за одбрана, за внатрешни и за надворешни работи, а партијата на Србите ќе го преземе Министерството за односи меѓу заедниците и политички систем. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши ќе биде претседател на Собранието, што беше заложба на Вреди да им припадне таа функција, која е една од трите најважни државни функции.

Според упатени во преговори кои брифираат за МКД.мк, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ постигнале согласност Движењето за наша Македонија да го добие Mинистерството за правда, како и уште едно министерство кое уште не е дефинирано.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое досега го раководеа кадри од ДУИ, oдносно Албанци, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ го довери на Демократската партија на Србите во Македонија, односно министер ќе биде лидерот Иван Стоилковиќ.

Министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршува функцијата технички министер во ова министерство. Министер за надворешни работи, според досегашниот тек на преговорите, ќе биде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Министер за одбрана е дефинирано да биде Тимчо Муцунски кој поради тоа ќе се збогува од градоначалничката функција во Аеродром. Министерството за транспорт и врски ќе го раководи функционерот на идната владејачка партија Владо Мисајловски.

Коалицијата Вреди ќе има шест министерски места и еден прв вицепремиер, за која функција се споменува Изет Меџити. Упатените во преговорите потсетуваат дека со двотретинско мнозинство лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски планира да се донесе нов Закон за влада со цел да се направат рекомпонирања на министерствата и можеби кратење на нивниот број, па така засега името на Меџити фигурира и како министер за екологија.

Се говореше дека Фатмир Меџити од крилото на Таравари на Алијанса за Албанците ќе се врати на министерската функција во здравство, но се чини дека лидерот Таравари ќе ја преземе таа функција, а гостиварци, исто како и аеродромци, ќе треба да бираат нови градоначалници на своите општини. Тоа не би требало да биде случај и со Тетово, имајќи предвид дека Биљал Касами неколку пати беше дециден дека останува на градоначалничката функција. И Таравари беше на таква мисла, но оставаше простор за тоа да се размисли и преговара. Кумановци, се чини, нема да излегуваат на избори бидејќи лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски ќе остане градоначалник.

Коалицијата Вреди, според досегашните сознанија, ќе го раководи и Министерството за економија, потоа и министествата за труд и социјална политика, за земјоделство, како и едно министерство без ресор.

Николоски шеф на дипломатијата, Стоилковиќ за политички систем, Таравари на здравството, ЗНАМ со двајца министри

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More